Свечености по повод 300 години од основањето на Саровскиот манастир (01.08.2006)
Од 29 јули до 1 август 2006 год. во Нижегородската епархија на Руската Православна Црква се одржаа свечености по повод 300 години од основањето на Саровската пустина, местото кадешто се подвизувал Преподобниот Серафим Саровски. Со свеченостите чиноначалствуваше рускиот Патријарх Алексиј II. Во рамките на свеченостите рускиот Патријарх го освети манастирскиот храм на Отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител, а истиот ден ги посети и светите места на Саров: Серафимовиот храм, Блиската и Далечната пустина, пештерската црква на преподобните Антониј и Теодосиј Печерски. На денот на раѓањето на светиот Серафим Саровски, на 1 август, Патријархот Алексиј чиноначалствуваше со Божествената Литургија, којашто се одржа на отворено, на соборниот плоштад на Дивеевскиот манастир. Во Дивеево беа подигнати три кампа заради многубројните поклоници (7,5 илјади луѓе), коишто пристигнаа за да учествуваат во свеченостите. Поради преголемиот број на верници кои присуствуваа на свеченостите богослужбите директно се пренесуваа преку големи видео бимови.
Пред завршетокот на својот престој во Саров патријархот Алексиј II отслужи молебен на плоштадот пред манастирската камбанарија. После молебенот во Дивеево тргна традиционална Литија, а вечерта во сослужение со повеќе архипастири и свештеници патријархот отслужи мала Вечерна и Акатист на Преподобниот Серафим кај раката од моштите на Светителот во Троицкиот собор на Серафимо-Дивеевскиот манастир.
По завршетокот на свеченостите рускиот Патријарх на архиереите, игуманиите и верниот народ им се обрати со пригодно слово, во кое, помеѓу другото, кажа: „Сите коишто доаѓаа при свети Серафим за совет и помош тој ги примаше со посебна радост во воскреснатиот Господ Спасител, говорејќи радост моја, Христос Воскресе! Овие зборови повторно и денеска звучат во нашите умови и срца кога ние му се молиме на преподобниот саровски чудотворец“, завршувајќи го своето слово со пасхалниот поздрав, Христос воскресе!