Турскиот парламент не даде дозвола за отворање на семинаријата во Халки (25.09.2006)
Турскиот парламент не го изгласа неделава законот со кој би се овозможило после 35 години отворање на богословската семинарија во Халки, што ѝ принадлежи на Цариградската Патријаршија. Против ваквото решение беа парламентарците од редовите на опозицијата, такашто прашањето беше симнато од дневниот ред.
Турските власти во 1971 г. ја затворија семинаријата во Халки и со тоа практично ја оневозможија Цариградската Патријаршија да подготвува сопствени кадри во областа на теологијата. Националистичките кругови во Турција истапуваат против возобновувањето на работата на семинаријата, сметајќи го тој чекор како повод за засилување на влијанието на Цариградската Патријаршија.
Грција и Европската Унија, од своја страна, настојуваат на тоа дека одбивањето да им се овозможи образование на православните свештеници не е во согласност со обврските што Турција ги зеде во рамките на напорите за влез во ЕУ.
Прашањето за семинаријата во Халки е еден од клучните, но не и единствен проблем на оваа помесна Црква. Главно е сепак прашањето за статусот на Цариградската Патријаршија. Патријархот Вартоломеј ја носи почесната титула „вселенски“, што му ја признаваат на овој или оној начин многу земји, како и другите помесни Цркви. Од гледна точка на турските власти, пак, патријархот Вартоломеј е поглавар на малубројната грчка заедница во Истанбул и, бидејќи Турски државјанин, тој нема право на каков било вселенски статус.
Известува: Pravoslavie.ru