Деветто заседание на Мешаната комисија за богословски дијалог меѓу Православната и Католичката Црква во Белград
 
 
 
 
 

Деветто заседание на Мешаната комисија за богословски дијалог меѓу Православната и Католичката Црква во Белград (27.09.2006)

Деветтиот состанок на Мешаната комисија за богословски дијалог меѓу Православната Црква и Католичката Црква одржан во Белград, Србија, од 18 до 25 септември 2006 година, претставува продолжување на работата започната во 1980 година, со тенденција кон воспоставување на полно единство. Српската Православна Црква срдечно ги прими учесниците на заседанието.

Официјалното отворање на собирот се случи во патријаршискиот придворен храм на светиот Симеон Мироточив во присуство на Неговата Светост патријархот српски Павле, којшто ги поздрави членовите на Комисијата и ја изрази својата молитвена поддршка со зборовите: „Добредојдовте во овој дом Божји, дом на нашата Црква и на нашиот народ, дом ваш и дом мој! Не сметам дека треба многу да зборуваме еден на друг во овој момент; верувам дека сите треба да Му се обраќаме на Духот Свет, Духот на премудроста и богопознанието, за сите нас да нѐ просветлува и да нѐ воведува во полнотата на вистината. Во богословскиот дијалог на вистината и љубовта, заради коишто се собравте тука, драги отци, браќа и сестри, ќе ве придружува мојата скромна молитва. Поважно од тоа, и единствено што е потребно, е да ве придружува благодатта на Духот Свет, којашто ги надополнува сите наши недостатоци и ги исцелува сите наши немоќи.“

Потоа беше отслужено Призивање на Светиот Дух според православниот обред.

На првата работна седница, во Центарот Сава, заседанието го отворија ко-претседателите на Комисијата, кардиналот Валтер Каспер и Високопреосветениот митрополит пергамски Јован Зизиулас, а Високопреосветениот митрополит загрепско-љубљански Јован од името на Светиот Архиерејски Синод на Српската Православна Црква ги поздрави сите членови на Комисијата. Претседателот на Владата на Република Србија др. Воислав Коштуница исто така ги поздрави учесниците на состанокот нагласувајќи дека: „Црквите на Исток и Запад со својот дијалог, чијашто важна станица е и оваа богословска средба во Белград, даваат извонреден пример на сите. Најголемиот дар на денешното човештво би бил да се убедат луѓето, можеби најнапред од политичката елита, дека дијалогот нема алтернатива и дека секој облик на користење сила, диктат или наметнување на своите модели и решенија во служба, пред сѐ, на сопствените интереси ги урива последните преостанати мостови меѓу лидерите и заедниците наместо да се градат мостови на мир, доверба, солидарност и соработка...“. Премиерот Коштуница организираше и вечера за сите членови на Комисијата.

Мешаната комисија ја сочинуваа по 30 претставници од Православната Црква и од Римокатоличката Црква, а претседаваа двајцата ко-претседатели, кардиналот Валтер Каспер и Високопреосветениот митрополит Пергамски Јован Зизиулас (Цариградска Патријаршија). Високопреосветениот митрополит сасимски Генадиј (Цариградска Патријаршија) и монсињор Елефтериј Фортино од Понтификалниот совет за унапредување на христијанското единство беа секретари на Мешаната комисија. Сите членови од римокатоличкиот дел на Комисијата учествуваа во заседанието во Белград освен двајца. Православните учесници ги претставуваа: Цариградската Патријаршија, Александриската Патријаршија, Антиохиската Патријаршија, Ерусалимската Патријаршија, Руската Патријаршија, Српската Патријаршија, Романската Патријаршија, Грузиската Патријашија, Кипарската Црква, Грчката Црква, Полската Црква, Албанската Црква, Црквата на Чешките земји и Словачка и Финската Црква.

Мешаната комисија расправаше за текстот под наслов Еклисиолошки и канонски консеквенци на светотаинската природа на Црквата: соборност и власт во Црквата, на три степени од црковниот живот: помесен, областен и вселенски. Овој текст, којшто е подготвен во 1990 година во Москва од Заедничкиот координационен одбор требаше истата година да биде претставен на пленарната седница на Мешаната комисија во Фрајзинг, во Германија, но за него не е расправано ниту тогаш, ниту подоцна, бидејќи тогашните актуелни случувања во Источна Европа ја обврзаа Комисијата да го проучува прашањето на унијатството во односот на екуменскиот дијалог. Меѓутоа, на тукашното заседание, документот подготвен во Москва внимателно е проучен во духот на единството и автентичната предаденост во барањето на единството.

Одредена е и Заедничка комисија за восогласување на споменатиот текст во светлината на многуте забелешки и коментари изложени во текот на дискусијата. Така исправениот текст ќе биде тема на наредното заседание на Заедничката комисија којашто ќе го организира Римокатоличката Црква во наредната 2007 година.

Во текот на еднонеделното заседание Римокатоличката делегација на празникот на Рождеството на Пресвета Богородица присуствуваше на православната Света Литургија во црквата на свети Марко, а православните претставници, на покана на белградскиот надбискуп Станислав Хочевар, присуствуваа на миса во римокатоличката катедрала на Успението на Пресвета Богородица во Белград. Членовите на Комисијата исто така имаа можност да го посетат историскиот манастир Раваница кадешто вечерата беше организирана од Неговото преосвештенство епископот браничевски Игнатиј. Во неделата навечер, на 24 септември, претседателот на Република Србија Борис Тадиќ организираше свечена вечера за членовите на Комисијата во Претседателството на Србија.

Заседанието на Мешаната комисија беше проземено од духот на пријателство и искрена соработка. Членовите на Комисијата посебно се заблагодарија на срдечната гостољубивост на Српската Православна Црква и на верните им преопрачаа усрдно да се молат за продолжување на дијалогот и идната работа на Комисијата.

Известува: http://www.spc.org.yu/