Годишно собрание на воени свештеници во Романија
 
 
 
 
 

Годишно собрание на воени свештеници во Романија (05.10.2006)

Во културно-социјалниот центар „Св. Паисиј Њамецки“ на манастирот Њамц (Романија), на 26 септември започна со работа Десеттото годишно собрание на воени свештеници од цела Романија. Собранието беше благословено од Неговата Светост, патријархот Теоктист, Неговото Високопреосвештенство Даниел, Митрополит на Молдавија и Буковина и од Неговото Преосвештенство Кипријан, викарен епископ на Патријаршијата. На собранието присуствуваа 72 од 76-те воени свештеници во Романија.

По Светата Литургијата, во културниот центар „Св. Паисиј“ беше прочитано посланието на патријархот Теоктист. Во словото тој им припомни на учесниците  за собранието на военото свештенство од пред 1948 година, кое е достоен пример за исповедање на верата и забележа дека воениот свештеник има голема улога во структурите на институцијата која го штити националниот идентитет на романскиот народ.

Митрополитот Даниел, од своја страна, проговори за значењето на воениот свештеник. Митрополитот подвлече дека св. великомаченик Георгиј бил покровител на светиот војвода Стефан Велики и дека тој е образец на воениот свештеник. Неговото Високопреосвештенство уште додаде: „Воениот свештеник е и родител, и брат и пријател на војникот. Улогата на воениот свештеник е и духовна, но и социјална, бидејќи тој ги собира војниците на службите во воените параклиси.“ Митрополитот Даниел заврши со спомнување на двата симболи на националниот грб, којшто го покажува достоинството на романскиот народ: „Свештеници, на чело со крстот, зашто војската е христијанска“.  

На собранието се дискутираше предлогот до Светиот Синод на Романската Православна Црква за избор на воен епископ, кој ќе ја возобнови традицијата што беше прекината во комунистичкиот период.

 

известува: Zarullumina.ro