Средба на Цариградскиот патријарх Вартоломеј со француски новинари
 
 
 
 
 

Средба на Цариградскиот патријарх Вартоломеј со француски новинари (07.10.2006)

При средба со новинари од Француската Асоцијација AJIR (Асоцијација на верски новинари), Цариградскиот патријарх Вартоломеј изрази жалење дека православните верници во Турција ги немаат „во целост правата на турските граѓани“. Тој ги наведе ограничувањата на слободите по однос на православните верници како на пример верското образование, одземањето на црковните имоти, непризнавањето на статусот на правно лице на Црквата, којашто е присутна во овие предели веќе 17 века, како и фактот дека за патријарх може да биде избиран само турски граѓанин.

Последново, појасни тој, „ќе претставува сериозен проблем во иднина“. „Да се надеваме дека со ориентирањето на Турција кон Европскиот сојуз тие проблеми еден по еден ќе се решаваат“, - изрази надеж патријархот.

Според него, малцинствата не претставуваат закана за земјата во која живеат туку богатство. Патријархот бара права, „ништо повеќе“. „Во текот на 1923 година, во зората на Турската република, православните Грци беа 180.000 души, а денес сме меѓу 4 и 5 илјади... Зошто?“, се прашува тој.

Патријархот Вартоломеј даде пример со православната семинарија на островот Халки недалеку од Истанбул, затворена по заповед на турските власти во 1971 година, чиешто повторно отворање е одново отфрлено. „Затворајќи го училиштето, Владата го наруши Лозанскиот договор и принципот на верска слобода кој важи за сите“, изрази жалење архиерејот, нарекувајќи го затворањето „продолжителна несправедливост“. За да ги исполни барањата на Европскиот сојуз и Соединетите Американски Држави последниве денови турската Влада претстави неколку итни мерки пред турскиот парламент, меѓу нив беше и можноста да се возобнови дејноста на православната семинарија во Халки, но Парламентот го отфрли проектот на законот.

Отценувајќи ја претстојната посета на папата во Турција како показател за возобнова на верската слобода, Цариградскиот патријарх го изрази своето задоволство по однос на оваа посета како и од онаа на германскиот канцелар Ангела Меркел на 5 и 6 октомври. Тој подвлече дека во Германија има многу Турци и „тие имаат целосна слобода да градат џамии, да ги поучуваат децата во својата религија, да работат и да добиваат германско државјанство“. Германија, по неговите зборови „ги почитува принципите на верска слобода и права на човекот како и сите европски земји“, затоа „членовите на Сојузот бараат и турската Влада да ги почитува тие принципи“. Патријархот Вартоломеј соопшти дека и тој треба да се сретне со Ангела Меркел.

 

известува: Infocatho.cef.fr