Државата Алјаска за првпат домаќин на собрание на Православното меѓусеминарско движење во САД
 
 
 
 
 

Државата Алјаска за првпат домаќин на собрание на Православното меѓусеминарско движење во САД (01.11.2006)

Редовното собрание на православното меѓусеминарско движење во САД (OISM) за првпат во историјата на ова движење се одржа во државата Алјаска. од 14-18 октомври 2006 г., во просториите на Православната богословска семинарија „Свети Герман“, лоцирана на крајниот северозапад на САД, во градот Кодиак, на истоимениот остров, се собраа студентите домаќини, како и 11 студенти од семинариите на различни јурисдикции во САД: „Свети Тихон“ (Саут Кенаан, Пенсилванија), „Свети Владимир“ (Крествуд, Њујорк), Грчкото православно богословско училиште на Светиот Крст (Бруклин, Масачусетс) и „Света Троица“ (Џорданвил, Њујорк). Семинаристите имаа можност да им се поклонат на моштите на Свети Герман, првиот Американски светител, во соборниот храм на Светото Воскресение во Кодиак, како и да ги посетат местата што преподобниот некогаш ги освети со својот богоугоден живот. Тие исто така присуствуваа и на осветувањето на параклисот посветен на празникот на Покровот на Пресвета Богородица, којшто е и престолен празник на OISM. Параклисот е изграден во 1994 г. во чест на 200-те години на Православието во Америка, и е верна копија на првиот православен храм во Северна Америка, кој бил лоциран на местото каде што денес се наоѓа соборниот храм на Вокресението. Осветувањето го изврши Неговото Преосвештенство Николај, епископ на Ситка, Енкориџ и Алјаска, кој потоа отслужи и Божествена Литургија, на која семинаристите заедно се причестија со Светите Тајни. Владиката Николај заедно со членови на епархијата приреди и прием за учесниците на форумот, при што ги запозна со животот во оваа северна епархија на Православната Црква во Америка. Домаќините од семинаријата на Свети Герман предводени од деканот, протоерејот Чад Хетфилд, од своја страна, им ги покажаа на гостите знаменитостите во градот и околината, унивезитетскиот комплекс, и ги запознаа со работата на семинаријата, овозможувајќи им да присуствуваат на часовите заедно со нив. Заблагодарувајќи се за гостоприемството, учесниците на форумот истакнаа дека е тоа „пример за сите нас како треба да се однесуваме со нашите браќа по православната вера, исто како и со општеството чијшто дел сме. Вистинско единство може да постои само тогаш кога има вистинско општење, а тоа бара време, жртви и љубов, со коишто штедро нè обдарија Алјаската епархија и семинаријата на Свети Герман“, напишаа по завршувањето на патувањето гостите семинаристи.

Извор: OCA.org