Избран нов поглавар на Кипарската Црква
 
 
 
 
 

Избран нов поглавар на Кипарската Црква (06.11.2006)

На 5-ти ноември 2006 год. Пафскиот Митрополит Хризостом беше избран за нов поглавар на Православната Црква на Кипар, со титула Архиепископ на Нова Јустинијана и цел Кипар.

Претходникот на новиот поглавар, Митрополитот Хризостом I, поглавар на оваа помесна Црква од 1977 па сè до неодамнешното пензионирање, успешно раководеше со Црквата која во овој период го сочува огромното влијание во општествениот и политички живот на Кипар и остана најголем земјопоседник на островот. 

 

Изборите за новиот поглавар на Црквата се одвиваа во неколку етапи и беа пропратени со сериозни проблеми. На 5-ти ноември беше одржана третата и завршна етапа на гласање. Првите два круга од оваа етапа, кога гласаа одделно група клирици и група избирачи од мирјаните, не го дадоа победник. Како и во претходните етапи, на челното место наизменично се менуваа Пафскиот Митрополит Хризостом, настојателот на Кикскиот манастир епископот Никифор и Лимасолскиот Митрополит Атанасиј. На крајот епископот Никифор ја откажа својата кандидатура во полза на г. Хризостом, така што Пафскиот Митрополит беше избран со обично мнозинство гласови при општо гласање на мирјани и клирици. Победникот доби 75 гласа, а Митрополитот Атанасиј 57.

 

Новиот Архиепископ на Кипар, г. Хризостом, е еден од најстарите по хиротонија и највлијателни архиереи на Кипарската Црква. Роден е на 10 април 1941 година во селото Тала, во близина на кипарскиот град Паф. По завршувањето на средното училиште станува послушник во манастирот на свети Неофит. Во 1963 година ја завршува гимназијата во Паф и на 3 ноември истата година е ракоположен за ѓакон. Од 1968 година до 1972 година студира на богословскиот факултет на Атинскиот Универзитет. На 19.11.1972 год. е избран за игумен на манастирот на свети Неофит. На 12.11.1972 год. е ракоположен за свештеномонах и е воздигнат во чин на игумен од страна на архиепископот Макариј III. На 25.02.1978 год. е избран за Митрополит на Паф, а следниот ден е хиротонисан за епископ. На оваа катедра остана сѐ до изборот за поглавар на Кипарската Црква. 

Известува: Patriarhia.ru