Интервју на рускиот патријарх Алексиј за францускиот неделник „Paris Match“ (11.11.2006)
Во интервју за последниот број на францускиот неделник „Paris Match“ рускиот патријарх Алексиј II ја наведе статистиката, според која во 1986 година во Русија имало само 6800 православни храмови, наспроти сегашните 27 илјади; и само 18 манастири наспроти сегашните 680. Бројноста на свештенството и монаштвото е зголемено со истите размери. Само во Москва има 1700 свештеници и ѓакони, забележа Алексиј II.
Одговарајќи на прашањето, колку православни има во Русија, Неговата Светост изјави дека не постои официјална статистика бидејќи при последниот попис на населението не било ставено прашањето за религиозна припадност. Истовремено патријархот наведе извештаи од социолозите, според кои 60-70% од 143 милиони Руси се сметаат себеси за православни. Притоа, додаде патријархот, според проценката на Православната Црква, во неа се крстени околу 80% од населението во земјата.
Според зборовите на патријархот Алексиј II, православните бројат десетици милиони и во Украина, во Белорусија, меѓу словенското население во централна Азија, во другите земји на поранешниот СССР, во Молдавија, којашто „скоро целосно е православна земја“.
Патријархот Алексиј исто така изрази благодарност кон претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, кој, според зборовите на поглаварот на РПЦ, „одлично ја сфаќа улогата на Православата Црква во нашето општество и ја зема предвид при донесувањето на многу решенија“.
Забележувајќи дека во Црквата се случуваат и недоразбирања со официјалните власти, особено по однос на прашањето за веронаука, патријархот Алексиј ја нарече нормализацијата на односите меѓу Црквата и државата, како во Русија така и во повеќето други земји од Заедницата на Независни Држави, „една од основните придобивки за последните 15 години“. „Поранешната отуѓеност е надмината, и Црквата и државата соработуваат на сите нивоа“, заклучи тој.
Коментирајќи го својот висок државен статус (5-то официјално место во земјата после претседателот, премиерот и претседателите на двата дома на Парламентот), патријархот Алексиј изјави дека е тоа знак на должна почит, но не кон него, „туку кон илјадагодишната Црква, најстариот институт на граѓанското општество, за сето тоа што таа го презема. Тоа е почит кон православната вера, нашите браќа и сестри.“
Известува: Pravoslavie.ru