Турција бара моштите на свети Никола да бидат вратени во „нивната историска татковина“ (15.12.2006)
Ако се пренесат моштите на свети Никола Мирликиски во турскиот град Демре, тоа ќе ги лиши православните христијани од можноста молитвено да се поклонуваат на светињата. Тоа го изјави секретарот за меѓуправославни односи на Московската Патријаршија, протоерејот Николај Балашов. Тој така ја коментира изјавата на претседателот на „Фондот за мир посветен на свети Никола“, Муамер Карабулут, кој изјави дека турските власти решија да ги вратат моштите на Светителот во Турција преку меѓународниот суд во Хаг.
„Без оглед дека во Бари моштите на Светителот се чуваат во католички храм, во одредени денови може да се извршуваат православни богослужења. Мислам дека таква можност нема да има во турскиот град Демре“ – изјави протоереј Балашов.
Според неговата информација, во Демре не постои ниту еден благоустроен христијански храм во којшто би можело регуларно да се одржуваат богослужби. Во текот на февруари 2005 година, демолирана е бронзена статуа на свети Никола, подарок од рускиот скулптор Григориј Потоцки. На нејзино место турските власти поставиле пластична кукла со натпис „Баба Ноел“ (Дедо Мраз).
Отец Балашов исто така истакна дека во 1087 година моштите на свети Никола воопшто не биле украдени, како што тврди г. Карабулут. „Според црковното предание, моштите на Светителот се изнесени од градот Мир Ликијски, област дотогаш населена со православни христијани, а потоа заземена од друговерците.“ Преносот на моштите во Бари, кој се слави на 22 мај, бил пропратен со многубројни чуда.
Илјадници христијани секоја година доаѓаат во Бари заради поклонение на моштите на свети Никола.
Известува: Dveri.bg