Репортажа (17.12.2006)
На 16 километри северно од гратчето Goldendale во државата Washington (САД), се наоѓа женскиот манастир посветен на свети Јован Крстител, основан во 1995 год. Ова е еден од дваесеттината православни манастири во Америка подигнати на иницијатива на Старец Ефрем Филотејски којшто и денес духовно ги раководи монасите и монахињите кои што живеат во нив. Ова е единствен православен манастир во централен Washington.
Во него живеат 16 монахињи во постојан молитвен подвиг. Повеќето од нив се на возраст од 20 до 30 години. Највозрасната е над 70 години. Четири се од Грција, а останатите се воглавно од западните држави на САД. Нивниот број секоја година се зголемува.
Во врска со монашкиот живот 33-годишната сестра Ефремија вели: „Тоа е повик од Бога. Тоа расте во твоето срце. Тоа е како оган во тебе. Немав никаква претстава каков е монашкиот живот пред да дојдам овде. Ме привлече Христос. Многумина велат дека тоа е како да си во затвор или нешто слично. Не, не е. Напротив, тоа е да си слободен.“
Сестрите водат созерцателен, тивок живот, во голема мера изолиран од надворешниот свет. Излегуваат само по потреба, на пример: на лекар, на пазар и слично. Ретко патуваат во посета на другите манастири. Во центарот на својот живот православните монахињи ја поставуваа желбата да Му се приближат на Бога преку молитвата. Животот на сестрите е принос и прославување на Бога. Сѐ што прават, го прават од љубов кон Бога. Во манастирот се одбегнуваат непотребни разговори. Додека работат тивко ја кажуваат молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј нѐ.“ Така, секоја нивна работа се осветува со молитвата. Тие сликаат икони, шијат монашки облеки, плетат бројаници, прават восочни свеќи и темјан, произведуваат природни миризливи сапуни. Имаат своја градина, мала пекара за слатки и продавничка со сувенири.
28-годишната сестра Мирофора, родум од Калифорнија, која што живее 5 години во манастирот вели: „Ние секогаш се ставаме себеси на последно место. Кога ќе дојдеш во манастир стануваш дел од една заедница. Никој не е единка сама за себе. Така се смируваме.“
„Сето тоа е и борба. Ние се бориме со нашите страсти, со нашите гревови. Се трудиме да се заборавиме себеси колку што можеме“, вели сестра Ефремија.
„Тоа е процес којшто трае цел живот. Еден многу бавен процес. Напредуваме побрзо, ако не се расејуваме“, вели сестра Јосифија.
„Суштината на монаштвото е давање, принесување. Човекот сака да Му се предаде целосно на Бога. Сака да Му ја даде својата младост.“
„Манастирот е како едно огледало. Кога ќе дојдеш тука, откриваш многу за себеси. Откриваш многу за своите гревови, за своите слабости“, вели сестра Мирофора.
Игуманија на манастирот е 60-годишната сестра Евпраксија. Сестрите сѐ прават со нејзиниот благослов и се исповедаат кај неа.
Според манастирскиот типик, сестрите стануваат во 2 часа наутро. Остануваат во своите келии на молитва до 4.30, кога се собираат во параклисот на заедничка служба. Од 6 до 8.30 часот имаат време за одмор, потоа појадуваат. После тоа ги извршуваат своите послушанија. После втората трпеза, имаат време за тихување во своите келии до 18.30, кога почнува Вечерната богослужба. Сестрите се повлекуваат во 20.30 каде што продолжуваат со молитвата.
извор:
http://www.yakima-herald.com/page/dis/313783609642789
http://www.stjohnmonastery.org/index.htm