Божиќно послание на рускиот патријарх Алексеј II
 
 
 
 
 

Божиќно послание на рускиот патријарх Алексеј II (22.12.2006)

Рускиот патријарх Алексиј II во своето Божиќно послание им се обраќа на верните потсетувајќи ги на големината на празникот на Христовото Раѓање велејќи:

„...Во Своето големо смирение Господ благоволи да дојде на земјата во човечки образ, и се роди не во богат дворец, не во живеалиште на силните од овој свет, туку во сиромашна пештера во пустина. Оние кои најпрвин дознале за Христовото Раѓање не биле цареви и велможи, туку прости пастири кои ги паселе своите стада недалеку од Витлеемската пештера. Токму кон нив, простите, биле упатени ангелските зборови коишто ја навестиле новата ера во светот, христијанската: Не бојте се, ви соопштувам голема радост која ќе биде за сите луѓе, зашто денес ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој Е Христос Господ (Лука 2,10-11).

            Драги мои! Да го слушнеме внимателно ангелското благовестие: Ви соопштувам голема радост!  Ние често забораваме на таа вечна, нетлена радост, бидејќи живееме во светот којшто е поразен од гревот и од смртта, во којшто ние страдаме од болести и немоќи, страдаме заради разделби и несреќи, се судираме со насилство и грубост. Но, нашата вера нѐ учи дека дури и покрај животните неволји треба во нашите срца да ја чуваме и да им ја возвестуваме на сите луѓе таа радост којашто слезе кон нас одозгора и за којашто во Евангелието е кажано дека никој нема да ни ја одземе (Јован 16, 22).

            Бог, доаѓајќи кон нас во образ на младенец, сака нашето срце да стане пештера во којашто Он ќе почива, а душата вечно ангелски да славослови: Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја! (Лука 2, 14). Чудото и силата на христијанската вера е во тоа што оваа голема радост ни се дарува денес во сета своја полнота исто како и пред две илјади години. Ние не се сеќаваме – ние го празнуваме Христовото раѓање, затоа што тоа, откако еднаш се случи, вечно ги исполнува луѓето со мир и со радост!

            Господ Исус Христос е секогаш во центарот на нашиот живот и нашето сведоштво во светот. И нашата Црква не престанува да врви по патот којшто ѝ е покажан од самиот Бог проповедајќи го спасителното учење Христово за да поверува светот (Јован 17, 21).

            Нашата радост, нашата вера, нашата молитва, нашите добри дела се тоа што треба да го сочинува животниот подвиг на православниот човек. Ова нека сведочи за Христа на нашите далечни и блиски, нека нѐ направи сол на земјата и светлина за светот што ги просветлува сите што бараат вистина, љубов и чистота.“

 

Во врска со актуелните случувања во светот патријархот, помеѓу другото, спомнува и дека:

„Не можат а да не се радуваат сите верни заради успехот во делото на зближувањето меѓу Црквата во татковината и нашите собраќа обединети во Руската Задгранична Црква. Единството и заедничарењето коешто беа прекинати пред повеќе од осумдесет години заради трагични случувања, денес се воспоставуваат. Во тоа го гледаме Божјото благоволение.

            Огромната болка за срцата на сите верни ја причинуваат трагичните случувања во Светата Земја. Таму кадешто пред повеќе од две илјади години ангелите возвестиле: Слава на Бога во висините и на земјата мир, повторно се пролева крв на невини луѓе. Да Го молиме Бога за земјата осветена од раѓањето, животот, страдањата и воскресението на нашиот Спасител конечно да биде место кадешто правдата и мирот ќе се целиваат. (Пс. 84, 10)“

 

На крајот од посланието патријархот им се обрати на сите со зборовите на светиот апостол Павле: Не гаснете го Духот. Пророштвата не ги унижувајте. Сѐ испитувајте, за доброто држете се. Клонете се од секакво зло. А сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос.“ (1 Сол 5, 19-23)

 

Известува: Patriarhia.ru