Божикни пораки на патријархот Вартоломеј и архиепископот Христодул
 
 
 
 
 

Божикни пораки на патријархот Вартоломеј и архиепископот Христодул (25.12.2006)

Цариградскиот патријарх Вартломеј и поглаварот на Грчката Православна Црква Архиепископот Христодул вчера ги потсетија верниците дека Божик не е само комерцијален настан.

 

Во нивните годишни обраќања, и двајцата поглавари одделно го нагласија религиозното значение на Божикните празници.

 

„Рождеството Христово ни дава можност да ја надминеме нашата смртност“, изјави Вартломеј во Истанбул.

 

„Не би требало да го прославуваме овој настан помпезно или површно како обичен празник којшто нема никакво друго влијание врз нашиот живот освен што ни дава можност да празнуваме“, рече патријархот.

 

Архиепископот Христодул излезе со истите гледишта во своето Божикно послание.

 

„За верните Божик е причина за восхит, изненадување и благодарност “, изјави архиепископот. „Но, не смееме да дозволиме комерцијализација на Божик. Децата треба да знаат што прославуваме. Божикните честитки не треба да прикажуваат дрвја под снежна наметка и слики што немаат врска со Христовото раѓање.“

 

Г. Христодул ги предупреди православните христијани да не се претворат во „зашеметено стадо“ водено од потрошувачка манија.

 

Истовремено, од извори се дознава дека архиепископот наскоро би можел да се соочи со револт внатре во Црквата на Грција, бидејќи некои епископи планираат да бараат итна седница на Архиерејството.

 

Се чини дека на некои епископи им пречат неодамнешните потези на г. Христодул, вклучувајќи ја неговата посета на Ватикан, затоа што мислат дека тој ја користи својата позиција за да си ја прошири моќта и да се самопромовира.

 

Епископот Јанински Теоклит му испрати писмо на архиепископот во кое го обвинува за пројава на „несигурност“ и „екстремна амбициозност“ во делувањето.

 

Г. Теоклит изјави дека средбата на архепископот со папата Бенедикт XVI била во служба на егото на Христодул а не на „интересите на Грчката Православна Црква“.

 

Светиот Синод на Грчката Црква претходно го беше спречил архиепископот да се сретне со починатиот папа Јован Павле II во Ватикан.

 

Известува: http://www.ekathimerini.com/4dcgi/_w_articles_politics_8341883_23/12/2006_78185