Божиќно послание на Александрискиот патријарх Теодор II
 
 
 
 
 

Божиќно послание на Александрискиот патријарх Теодор II (26.12.2006)

Во своето Божиќно послание Александрискиот патријарх Теодор II им се обрати на верните на Црквата во Африка со следните зборови:

„Словото Божјо, имајќи власт над сè, како предвечен Единороден Син, Бог Слово, зема тело и станува човек. Тој пребива меѓу нас. Тој живее меѓу луѓето за ние да можеме да Го видиме и појмиме светлозарното величие Божјо. Божественото Откровение преку Личноста на нашиот Господ Исус Христос, второто Лице на Светата Троица, е остварено заради препород и спасение на човештвото. Остварено е за да помогне во враќањето на човештвото во Божјите прегратки и за откривање и сфаќање на вистинската цел заради која сме создадени. Бидејќи Бог е љубов, Тој го повикува човештвото да учествува во оваа љубов. Но, дали човештвото денес трага по оваа љубов Божја и ја прифаќа ли? Како човештвото чувствува дека оваа љубов се изразува преку љубовта на човекот кон неговиот ближен? За жал, во 21 век, голем број луѓе наместо да ја чувствуваат оваа љубов чувствуваат отуѓеност, осаменост, егоизам. Дури и во најважното јадро на општеството, семејството – Светата Тајна Брак, забележуваме јаз и отуѓеност, духовна празнина и распаѓање на односите меѓу семејните членови. Поделби, борби, наклонетост кон егоизам, себични мотиви – сето тоа придонесува кон создавање на унесреќеност кај членовите на семејството, особено кај младите деца во чиишто души се вкоренуваат песимизам и негативна слика за животот. Исто така и на работното место е карактеристична неправична конкуренција, клеветење, екстремна индивидуалност и егоизам, суетна амбиција, наместо благородна соработка и примерно однесување. Општо кажано, севкупниот општествен живот и активност на човекот се одликува со тензија. Ова е последица на тоа што човештвото се оддалечи себеси од Божјата љубов. Несреќите, сиромаштвото, насилствата и војните не ги осудуваме веднаш туку дури и ги оправдуваме во име на слободата. Многупати ги оправдуваме дури и во името на Бога – како заштитник на војни и насилство.

Човештвото напразно трага по решение за оваа хаотична ситуација во општествениот и економскиот напредок, во исцелувањето на душата од страна на психолози, психоаналитичари и лекарства. Спокојството на душата и вистинската среќа треба да се бараат таму каде што има љубов во срцата на луѓето. Мирот не може да се постигне со договори и потписи, туку со негово востановување длабоко внатре во душата на секој од нас. Рождеството на Богочовекот ни ја принесува оваа љубов, запечатена со Неговата Пречиста Крв. Ние стануваме причесници на овие Пречисти Тело и Крв преку заедничката Чаша и таа нè обединува во Животот во Христос.

Овој Живот во Христос се одликува со смирение, самоодрекување и саможртвена и постојано служење на нашиот брат и ближен.

Ние, на африканскиот континент, духовната јурисдикција на Александриската Патријаршија, во наша близина имаме безброј браќа кои страдаат. Тие од нас очекуваат љубов и утеха. Тие очекуваат секој православен христијанин да им покаже зошто Христос се роди, зошто доброволно Се жртвуваше Себеси, зошто воскресна и како Неговата величествена заповед, љубете се еден со друг, може да се спроведе во дело.

 

известува: Официјалниот сајт на Александриската Патријаршија