Божиќно послание на Антиохискиот патријарх Игнатиј IV (27.12.2006)
Рождеството на нашиот Спасител Исус Христос доаѓа секоја година за да нѐ потсети на бескрајната Божја милост и љубов кон Неговото создание. Тоа доаѓа за да нѐ повика да размислуваме одново и одново за величествената тајна на Божественото Вочовечување, без кое нашето спасение би било невозможно.
Христовото Рождество за сите нас претставува можност за духовна обнова. Тоа е момент да размислиме за нашиот живот, дела и однесување, и за исполнување на тој наш живот во Христа. Мир и радост се излеаја на земјата во моментот кога Божествениот Младенец се јави во скромна пештера. Не светот на силните, туку бедните пастири, срдечни и смирени, беа тие што Го примија.
Рождеството Христово е една покана за сите нас да го исполниме небесното послание и да се бориме за мир, кој за жал денес се чини недостижен во многу региони на нашиот страдален и распнат свет. Слики на масакри и рушења се прикажувани и распространувани секојдневно, како и слики на насилство над човековото битие, заради кое славниот Син се согласи да пребива меѓу нас, за да го возобнови нашето сродство со Отецот; да нѐ стори способни да седнеме заедно со Него во Судниот ден.
Ги упатуваме нашите молитви кон нашиот Господ во овие славни празнични дни на Божиќ, Нова Година и Богојавление, да ни даде Мир и Сигурност, имајќи го правото да Му се молиме на Бога и воскликнувајќи заедно со ангелите: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“.
Игнатиј IV
Патријарх на Антиохија и целиот Исток