Во Москва одржана пастирска конференција за прашањето околу подготовката за Светата Тајна Причест (28.12.2006)
На 27 декември, во Центарот за духовен развој на младината (ЦДРМ) при манастирот на св. Даниил, се одржа редовна тркалезна маса, посветена на актуелните прашања од духовниот живот на Црквата во нашето време.
Овојпат во центарот на вниманието беше темата за подготовката за Светата Тајна Причест. За разгледувањето на ова прашање беа поканети епископи и авторитетни свештеници од Москва.
Неговата Светост упати поздрав до организаторите и учесниците на тркалезната маса „Подготовка за Светата Причест: историска пракса и современи патишта за решение на прашањето“
Ваши Преосвештенства, драги отци, браќа и сестри!
Повеќе од две децении веќе Руската Православна Црква го живее периодот на духовна преродба. Секојдневно се отвораат десетици храмови, се возобновува системот на полновредно духовно образование, народот Божји е раководен кон спасението од илјадници црковни пастири. И, како и во сите времиња на спасителното престојување на Христовата Црква на земјата, најважно е учеството на човекот во Божествената Литургија. Затоа прашањето поместено во називот на дискусијата е неизмерно поважно од кое било друго прашање од постоењето на Црквата.
Токму со Евхаристијата, како со таинствено заедничарење со Христа Спасителот, Црквата се изградува од моментот на Тајната Вечера сѐ до крајот на векот. Токму во таа Тајна на Црквата е положена основата на новиот човек, новото единство во Христос, „светиот народ“.
Кон сите христијани се упатени зборовите на нашиот Господ: „Земете, јадете... пијте од Неа сите!“ (Мат. 26, 26-27); „Дојдете при Мене сите изморени и обременети!“ (Мат. 11, 28). Затоа, учеството во Литургијата на христијанинот, кој е во мир со Црквата и со својата совест, претставува неодземлив и максимално значаен составен дел на неговиот духовен живот. Токму затоа нам ни е толку важно сега да оформиме здрав пристап кон условите за подготовка за Причест, и со пастирска промисленост, дејствувајќи со љубов во духот на црковната икономија, да ги примаме оние што посакуваат да пристапат кон Христос за учество во Неговата спасителна Тајна.
Христос им го остави своето словесно стадо на апостолите, а преку нив на епископите и свештениците. Затоа живата и лична врска на човекот со Христос, неговото учество во Евхаристијата, во животот на Црквата Христова е возможна само во црковната заедница, којашто е канонски и таинствено поврзана со целата Една и Соборна Црква. Парохиските свештеници, настојателите на храмовите и духовниците имаат огромна одговорност: од една страна, да не се повреди светоста на Тајната; а од друга страна, со прекумерна и неоправдана ригорозност да не се одврати човекот од црковното општење, од евхаристискиот живот, од учеството во Божествената природа, од самото спасение.
Им посакувам на сите учесници и гости на Тркалезната маса и конструктивниот дијалог „во сојузот на мирот“ одмерени решенија и мислења, и најважното – заедничко стоење пред Бога и следење на единствената цел: соработка со Бога во делото на човековото спасение во нашето тешко и полно со соблазни време.
Мирот Божји и благословот да биде со сите вас!
+Алексиј, Патријарх Московски и на цела Русија