Што им порача архиепископот Христодул на грчките свештеници
 
 
 
 
 

Што им порача архиепископот Христодул на грчките свештеници (30.12.2006)

Грчкиот архиепископ Христодул им испрати напатствија на свештениците на Атинската архиепископија, со основна цел да ги поттикне грчките духовници да бидат поблиску до домовите на луѓето. Архиепископот проговори и за европската ориентација на Грчката Православна Црква, како и за обидите на одредени кругови да ја изолираат Црквата од општествениот живот, како што е на пример иницијативата духовниците-исповедници да немаат пристап во училиштата или да се укине водосветот, кој придружува клучни општествени настани. Еве дел од поуките на поглаварот на Грчката Црква:

 

„1. Постојано вршете богослужби и не заборавајте го мојот поранешен совет еднаш месечно во вашите цркви да има сеноќно бдение. (...)

 

3. Излезете надвор од вашиот храм во потрага по заблудените. Не седете постојано во канцелариите чекајќи луѓето први да ви пријдат. Тоа особено важи за младите. Давајте им ги потребните совети, дајте им можност да се искажат...

 

4. Денес вие сте единствените на кои им е дозволен влез во туѓи куќи. ...Искористете ја таа можност за да разговарате со луѓето за верата, за Бога, за Црквата. Насочете го разговорот кон прашањата што ги засегаат луѓето во моментов, кон разговори околу телевизијата...

 

5. Луѓето не знаат каква е дејноста на Црквата во најразлични области. Немаат информација за нејзиното големо благотворно дело. Информирајте се и вие преку информативните билтени и раздавајте им ги и на други. Така ќе престанат клеветите на адреса на Црквата, дека била неактивна.

 

6. Неопходно е свештеникот да излегува повеќе во општеството отколку што тоа беше праксата до денес. Внимавајте. Немам предвид да станете световни клирици. Луѓето не сакаат да бидеме световни. Сакаат да бидете активни во општеството. Тоа се различни работи. Не е убаво како во поранешно време кога попот си го знаел само патот од храмот до дома и обратно. Денес и семејството на свештеникот треба да учествува во општествениот живот.

 

7. Вероучилиштата имаат потреба од свеж воздух. Нема да ги затвориме, туку ќе ги обновиме.

 

8. Развивајте ги парохиските дејности, како што се изучување на странски јазици, музика, танци, компјутери, културни манифестации, поклонички патувања, екскурзии.

 

9. Занимавајте се со жешките прашања: наркотици, екологија, насилство меѓу младите, алкохолизам итн.

 

11. Организирајте дијалог со парохијаните. Не плашете се од критика. Тие имаат многу нешто да ви кажат и вие треба да ги слушате.

 

12. Одржувајте добри врски со педагозите од вашата парохија. Од квалитетот на тие односи зависи и вашиот пристап до училиштата. Свештениците што имаат такви врски не се плашат дека ќе им биде забранет пристапот до училиштата.

 

13. Нашата Црква има европска ориентација. Не се одвраќаме од западните Европјани, не ги навредуваме, не ги унижуваме. Тие не се виновни за нашите непријатности. Оној што читал историја, ќе ме разбере. Лесниот начин да се провлечеме е во своите проповеди да го фрлиме каменот на анатемата по сите туѓинци. Туѓинците ни причинија големо зло, но тоа не значи дека ние сме без вина. Вистината сите нѐ ослободува.

 

14. Пред неколку дена заврши дводневниот семинар посветен на свештеничкото семејство. Беа донесени неколку важни заклучоци. Сакам да ве уверам дека какви и да било проблеми да имате во тој однос, како ваш Отец загрижен сум поради тоа и сакам да придонесам за нивно решавање.“

 

Преземено од: Dveri.bg