Изложбата на стари икони од Синај го претвори музејот „Гети“ во место на поклонение
 
 
 
 
 

Изложбата на стари икони од Синај го претвори музејот „Гети“ во место на поклонение (03.01.2007)

Изложбата на икони од стариот манастир на св. Екатерина на Синај, го претвори музејот „Гети“ во Лос Анџелес, Калифорнија, во вистинска поклоничка дестинација за православните христијани во САД. Изложбата „Свет лик, осветена земја: Икони од Синај“ привлече и многу неправославни христијани од различни деноминации.

 

Иако музејот „Гети“ е еден модерен музеј за уметност, во моментов тој е место за поклонение. Православните христијани се прекрстуваат пред 750-годишната икона на св. Теодосија и 1500-годишниот лик на св. апостол Петар, но не можат да ги целиваат бидејќи се поставени во изложбени шкафови од плексиглас.

 

Изложбата под наслов „Свет лик, осветена земја: Икони од Синај“ дава ретка можност да се видат нешта чувани во далечен манастир, блиску до местото каде што Мојсеј ги доби Десетте Божји заповеди. Православниот манастир на св. Екатерина е основан во 6 век. Во него се чуваат некои од најстарите икони во светот затоа што бил оддалечен од иконоборството, кое беше уништило многу икони во Византија во текот на 8 и 9 век.

 

Несомнено, 43-те икони, 6 ракописи, 3 металопластики и богослужбени одежди што се изложени силно ги привлекуваат православните христијани, макар што некои велат дека е малку чудно – иако разбирливо – да ги гледаш низ плексиглас, поставен за нивна заштита.

 

Меѓу изложените икони најмногу внимание привлекуваат големата икона од 11 век на која е живописан еден младолик Мојсеј на планината Синај како го прима Законот од Божјата рака; потоа „Лествицата на св. Јован Лествичник“, икона од 12 век што го изобразува некогашниот игумен на Синајскиот манастир на чело на редица монаси што се искачуваат на небесата кон Христос, додека крилести демони повлекуваат некои од нив со јажиња и куки во адот; како и иконата „Благовештение“, творба од 12 век на којашто е претставен сноп светлина што струи од еден гулаб кон Дева Марија, додека Архангел Гаврил известува дека Таа ќе Го роди Христос.

 

Известува: Los Angeles Times