Празникот на Богојавлението свечено одбележан во Грција и Турција
 
 
 
 
 

Празникот на Богојавлението свечено одбележан во Грција и Турција (13.01.2007)

Во цела Грција свечено беше отпразнувано (според новиот стил) Крштението Господово. Центар на празнувањето беше морското пристаниште Пиреја, каде што чинот на осветување на водата го извршија архиепископот Атински Христодул и митрополитот Пирејски Серафим, соопштува агенцијата RNN.

На богослужбата присуствуваа претседателот на Р. Грција Каролос Папуљас, претседателот на партијата Пасок и лидерот на опозицијата Георгиј Папандреу, поранешниот премиер Костас Симитис, како и многубројни членови на Владата и Парламентот.

Премиерот Костас Караманлис присуствуваше на богослужбата во градот Рафина, со која чиноначалствуваше митрополитот Месогејски Николај.

Претседателот на парламентот Ана Псаруда-Бенаки и градоначалникот на Атина Никитас Какламанис присуствуваа на богослужбата во атинскиот реон Колонаки, којашто ја отслужи секретарот на Атинската архиепископија, протопрезвитерот Тома Синодинос.

Свечено празнување на денот на Богојавление имаше и во Турција. Оваа година голем број верници тргнаа по Цариградскиот патријарх Вартоломеј од патријаршиската зграда во истанбулската населба Фанар кон заливот Златен Рог. За првпат после многу години, следејќи ја древната традиција, Патријархот го спушти крстот во осветуваните води.

Во својот настап Патријархот особено ги нагласи духовните врски помеѓу грчкиот народ и Цариградската Црква. Никој, во никакви околности нема да може да ја раскине таа врска, подвлече Вартоломеј.

Оваа година не беа забележани никакви знаци на присуство на „сивите волци“ или други екстремисти на брегот или во водите на Златниот Рог.

Но, православните жители на Турција беа мошне разочарани од решението на градските власти на Измир (Смирна), кои не дозволија оваа година да се фрли крстот во водите на градскиот залив.

 

Известува: http://www.patriarhia.ru/db/text/181419.html