Чинот на Голем Водосвет на реката Јордан го возглави Ерусалимскиот патријарх Теофил (20.01.2007)
Повеќе од пет илјади луѓе во очи празникот на Богојавление учествуваа во древниот чин на осветување на водите на Јордан, со кој традиционално чиноначалствува Ерусалимскиот патријарх Теофил.
Свечената литија кон Јордан беше пропратена со пеење на повеќе јазици. Крај водите на Јордан беа собрани стотици свештеници, мноштво поклоници, како и десетици палестински христијани-скаути во бело-црвени униформи со палестинско знаме и барабани. Меѓу присутните имаше и припадници на други конфесии.
Непосредно на местото на водосветот успеаја да се пробијат не повеќе од илјада луѓе. Останатите поклоници се сместија малку погоре, на специјално изградени тераси.
За вкупниот број учесници во свеченостите може да се суди по десетиците автобуси паркирани околу два километри од реката Јордан.
Долж брегот на реката е поставена метална ограда во која е направен премин за Патријархот. Над него стои венец од палмови гранчиња. По осветувањето на водите од страна на Патријархот со потопување на крстот и со молитва, стотици поклоници во специјални бели „богојавленски“ кошули се стрчуваат кон тесниот отвор во оградата за да се фрлат во осветените води на Јордан. Поредокот за време на свеченостите го обезбедуваат десетици израелски војници и полицајци.