Новиот Пловдивски митрополит ќе биде востоличен на Прочка
 
 
 
 
 

Новиот Пловдивски митрополит ќе биде востоличен на Прочка (12.02.2007)

Изборот за Пловдовски митрополит започна по свечената Божествена Литургија, отслужена од главниот секретар на Светиот Синод на Бугарската Православна Црква, архимандрит Наум. Неговата Светост Бугарскиот патријарх Максим и синодските архиереи зедоа молитвено учество во богослужбата, а некои од нив, на чело со Русенскиот митрополит Неофит пееја на певницата.

Со 12 гласа од можни 14 (две ливчиња беа невалидни) Синодот го избра досегашниот Знеполски Епископ и викар на патријархот Максим, г. Николај. Епископот Теодосиј, кој нема вишо образование, според уставот на Бугарската Православна Црква во секој случај не можеше да биде избран. Двајцата кандидати го очекуваа изборот на Светиот Синод во патријашискиот соборен храм на свети Александар Невски.

Од името на Светиот Синод новиот митрополит прими честитки од патријархот Максим, кој забележа дека новиот архиереј има стекнато богато искуство како администратор за време на службата во Софиската митрополија, кое ќе му биде од полза при работата во Пловдивската епархија, најголема во Бугарската Православна Црква. Тој му порача на новиот митрополит да го продолжи делото на поранешните истакнати Пловдивски митрополити, подражувајќи Го Добриот Пастир, Кој ја полага душата за своето стадо. Митрополитот Николај вети дека ќе ги исполни дните на своето служење „со ревност по Божјото дело. Во односите со претставниците на многубројните вероисповеди во Пловдив ќе се придржувам кон апостолскиот призив да живеам во љубов со сите луѓе, ќе се однесувам и канонски, и дипломатски“.

На изборот присуствуваа и монахињите од манастирот на светите Петар и Павле во с. Долни Лозен, кој е основан со лично залагање на владиката Николај.

38-годишниот Николај, кој е најмладиот владика во Бугарската Православна Црква, воедно и најмлад член на Светиот Синод, за првпат ќе учествува на негово заседание на 13-ти овој месец. Првата негова служба во Пловдив ќе биде на Прочка, последниот ден пред Велигденскиот пост. Претходниот ден, во саботата, тој ќе биде пресретнат од свештеници на границите на епархијата, а литијата ќе тргне од централниот плоштад кон црквата на Пресвета Богородица, каде што после Вечерната богослужба ќе биде извршено востоличувањето.

Премиерот на Република Бугарија, г-дин Сергеј Станишев му го честиташе изборот на новиот митрополит и преку владината информативна служба изјави дека поздравното слово на директорот на Дирекцијата за вероисповед, кое наиде на неодобрување и кај присутните на церемонијата, не ја одразува официјалната политика на Владата, која се држи до принципот на немешање на државата во работите на Црквата.

 

Митрополитот Николај (Николај Методиев Севастианов) е роден на 19 јули 1969 година, во Софија. Ја завршува Софиската духовна семинарија и Духовната академија во Софија. Во 1990 година го прима монашкиот потстриг во Враца од митрополитот Калиник. На 17 мај 1993 година е ракоположен за јеромонах од Бугарскиот патријарх Максим. Работи како професор во Софиската духовна семинарија. На 29 јуни 1993 година е возведен во архимандритско достоинство. После тоа служи како протосингел на Софиската митрополија. Во 2001 година е хиротонисан во епископски чин со називот Знеполски епископ. Долги години беше викарен епископ на патријархот Максим.

 

Извори: Дарик радио, Министерскиот совет на Р. Бугарија, Двери.бг