Московската патријаршија не се меша во Света Гора
 
 
 
 
 

Московската патријаршија не се меша во Света Гора (28.02.2007)

Смоленскиот митрополит Кирил, нарекуван „министер за надворешни работи“ на Московската патријаршија, во интервју за грчки весник ги негираше обвиненијата на Цариградската патријаршија за наводно мешање на Москва на Света Гора и за поддршка на одметнатиот манастир Есфигмен.

„Дополнителното затегнување на односите на Света Гора може да доведе до уште жртви, што според нас е недопустливо за едно свето место... Во своето послание сосема јасно истакнавме дека ја почитуваме духовната грижа на светата Цариградска столица над Света Гора и дека немаме намера да се мешаме во тамошните работи.“

Повод за овој одговор беше изјавата на патријархот Вартоломеј дадена непосредно пред почетокот на Великиот пост. Руската Црква беше обвинета дека се обидува да го искористи конфликтот меѓу Патријаршијата и Есфигмен за да го прошири своето влијание во монашката република.

На прашањето за евентуална средба меѓу Алексиј II и Бенедикт XVI, митрополитот Кирил одговори: „Ние никогаш не сме ја исклучувале априори можноста папата Бенедикт XVI да ја посети Русија или да биде остварена средба меѓу Рускиот патријарх и папата на неутрална територија на трета страна. Но сметаме дека на еден таков историски настан треба да му претходат позитивни промени во односите меѓу двете Цркви“.

 

Извор: RNN