Недела на Православието во Лондон
 
 
 
 
 

Недела на Православието во Лондон (01.03.2007)

Во првата недела од Велигденскиот пост, кога Црквата ја слави победата над иконоборството, според традицијата на православните заедници во главниот град на Велика Британија, се одржа сеправославна Вечерна богослужба во рускиот соборен храм во Лондон, посветен на Успението на Пресвета Богородица.

Како и секогаш, сослужуваа претставници од клирот на сите помесни Православни Цркви кои имаат свои заедници тука, а се служеше и пееше на разни јазици.

 

 

                     

 

 

 

Пригодно слово кажа Епископот Диоклејски Калист (Вер), од кое ви пренесуваме извадок:

„...Само преку носењето на Крстот можеме да се удостоиме со радоста на заедничарењето. На секоја неделна Утрена, после читањето на Евангелието велиме: со Крстот радоста дојде за сиот свет. Само преку Крстот можеме да се здобиеме со радоста на заедништво во Верата.

А што можеме јас и вие да сториме лично, како можеме да придонесеме кон оваа победа на Православието, кон оваа победа на заедницата? Што може секој од нас да стори за да се намали насилството, да се создаде мир и заедница? Го наоѓаме одговорот во Посланието на св. апостол Јаков: Раздорите и расправиите меѓу вас од каде потекнуваат? Нели потекнуваат од виењето на страстите што војуваат внатре во вас? Она што Апостолот го вели тука е дека надворешното зависи од внатрешното. Надворешните конфликти во парохијата, во целата Православната Црква, во меѓународната политика, ги имаат како извор внатрешните конфликти во срцата на секој од нас. И следствено, надворешниот мир во парохијата, во целата Црква и во сиот свет го има својот извор во внатрешниот мир во срцата на секој од нас. Ако јас, или вие, војуваме со себе си, внатрешно поделени, тогаш ние ја пренесуваме таа војна и самоподеленост и на заедницата на која ѝ припаѓаме, на семејството, работното место, парохијата и епархијата. Од друга страна, ако јас и вие можеме да бидеме внатрешно единствени секој со себеси, ако јас можам да бидам со полнотата на моето битие жива Икона на Светата Троица тогаш, со Божја помош и милост, јас можам да бидам жив, динамичен, креативен центар на помирување, донесувајќи полнота на секоја заедница или група на која ѝ припаѓам. Само ако успеам низ Христос и Светиот Дух да ги составам скршените делчиња внатре во мене, тогаш ќе го подготвам внатре во мене составувањето, реинтегрирањето на потресениот космос. Од тоа таинствено и неискажливо единство внатре во мене, ќе може да произлезе, по молитвите на Мајката Божја и сите Светии, видливо и манифестирано единство во мојата парохиска заедница, во целата Црква и меѓународната политика. Ние мораме да го собереме внатре во нас поделениот свет и на тој начин да го надминеме во Христа. Тоа е длабоката порака за денес, Победата на Православието. Да си спомнеме за двајца светители кои точно го илустрираат она што се обидувам да го споделам со вас вечерва. Прво од св. Серафим Саровски: „Стекни внатрешен мир и илјадници околу тебе ќе се спасат“. А пак св. Исак Сирин вели: „Биди помирен со себеси, и небото и земјата ќе се во мир со тебе“. Надворешното зависи од внатрешното. Мирот мора да дојде од срцето на секој од нас, и тогаш ќе можеме да ја потврдиме, со убавина и чудесност што ја надминува нашата свест, вистинската заедница на Православната Црква. Да се насочиме умствено нанапред, кон Пасхалната ноќ. Да си спомнеме за зборовите кои ги пееме таа ноќ: Ден е на Воскресението, да засветлиме со мир и да се прегрнеме еден со друг велејќи: Брате, Сестро, да си простиме сѐ во Воскресението и да воскликнеме силно: Христос Воскресна од мртвите! Ако од денес па низ целиот Голем пост сѐ до Пасха, почнеме да простуваме сѐ пошироко и пошироко, како што почнавме на Прочка минатата недела, ако можеме да речеме со нова искреност на Пасхалната Ноќ: да им простиме на сите на  Воскресението, тогаш тоа навистина ќе биде вистински триумф на Православието. Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.“

 

Во контекст на последните случувања и потреси во Православната Црква кои непосредно го засегаат верниот народ во Р. Македонија, словото на Епископот Диоклејски е од голема полза. Потеклото на сите расколи и недоразбирања, како што е образложено од владиката Калист, треба да биде освестено во секој еден од нас, ако вистински сакаме да ја живееме Воскресенската радост. Впрочем, нашите пастири веќе подолго време ни посочуваат каде да го бараме решението на проблемот...

 

Ништо ново под сонцето освен Христос. Суета, сè друго е само суета. И ништо ново нема да има во односите меѓу Македонската Православна Црква и Српската  Православна Црква сè додека Богочовекот Исус Христос не стане врвен критериум на нашето пастирско дејствување, а не нашата суета. Зошто суетата? Од каде тоа високото мислење за самите себе да се појави како извор на сите внатрешни проблеми во Црквата? И двете Цркви имаат и почитуваат исто догматско, канонско и литургиско предание. Всушност се случува Една и Иста Црква, но со одделно административно организирање – заради посебните пастирски потреби на двата различни народи, македонскиот и српскиот, и заради нивната посебна државна и територијална разграниченост. Во нашиов случај се појавува внатрешно недоразбирање и судир во Една и Иста Црква, Православна. А тоа не значи ништо друго освен дека внатре-личносниот конфликт или заробеноста од страстите или суетата на повеќето од Епископите се пројавува како внатре-црковен административен конфликт. Тоа се познава и од причината на недоразбирањето и судирот...“ (Митрополит Струмички г. Наум, „Школа за исихазам“)

„Надворешниот и јавен судир меѓу Епископите на две или повеќе Цркви, особено кога причина не се догматски и суштински канонски прашања, исто така е последица на непросветленоста, односно на страста од која се тие, повеќе или помалку, внатрешно заробени. Таа страст е секогаш славољубието – желбата за власт и слава. Значи ако една по една ги извадиме сите обвивки со кои е замаскиран проблемот, било да се тие канонски или литургиски или етнофилетистички или политички обоени, на крајот ќе дојдеме до неговата суштина: славољубието на конкретните личности. Страста за световна власт и слава е неразделна од непросветленоста како и од демонот поврзан со неа.“ (Струмички Митрополит г. Наум, извадок од интервјуто за весникот „Дневник“ 06.01.2007) 

 
„Каде го гледате излезот од ќорсокакот?
Излезот од ќорсокакот е во покајанието, да се почитува редот воспоставен од Светите отци на Црквата. Трите свештенички чинови мора да одговараат или да се барем приближно до трите нивоа на духовна зрелост. Ѓаконскиот чин со нивото на ‘очистување на срцето од страстите’. Презвитерскиот чин со нивото на ‘просветлување на умот’ и умносрдечната молитва. Епископскиот чин со нивото на ‘обожение на личноста’. Епископот мора да биде барем на ниво на ‘просветленост на умот’ и умносрдечна молитва. Инаку, со непросветлен ум а заробен од страстите, кого и каде ќе води? А оние што се веќе украсени со епископско достоинство а немаат соодветна духовна подготовка, барем нека ја освестат оваа своја болна состојба и нека се покајат. Секако, не е препорачливо за нив да го откриваат, а со тоа и да го потхрануваат наместо да го лечат, својот алармантен внатрешен конфликт и расцеп на личноста создавајќи расцеп или раскол во Црквата преку организирање на паралелна ерархија на веќе постоечката во Р. Македонија.“
(Митрополит Струмички г. Наум, „Школа за исихазам“)

 

И уште:

 

Од ова восогласување на нашата внатрешна состојба со надворешниот свештенички чин што евентуално би го добиле, сигурно ќе се случат позитивни промени во животот на локалната епископска Црква, па и пошироко. Ништо од ова не може да се случи без умносрдечна молитва и просветленост на умот. А ова кој го може?“ (Митрополит Струмички г. Наум, „Школа за исихазам“)

 

 Кој има уши да слуша, нека чуе!

 

известува : Марија Стефановска, Лондон