Православието во Албанија
 
 
 
 
 

Православието во Албанија (08.03.2007)

Со востановувањето на комунистичкиот режим во Албанија започнаа репресии против верниците. На 4 април 1967 година беше забрането какво и да е богослужење, а Албанија беше прогласена за атеистичка држава, разрушени беа стотици цркви и манастири, клириците беа казнувани со затвор или прогонство, многумина примија маченичка смрт, меѓу кои беше и архиепископот Висарион и викарниот епископ Аполониски Иринеј.

 

Според законот, за служење Литургија свештеникот беше стрелан. Мирјаните беа казнувани со затвор затоа што се осмелуваа да ги крстат своите деца. Луѓето беа подложувани на репресии дури и заради чување икони во својот дом. Во резултат на децении жестоко истребување, Православната Црква во Албанија беше целосно уништена.

 

Во јануари 1991 година, Цариградскиот патријарх го назначи митрополитот Анастасиј (Јанулатос) за патријаршиски егзарх во Албанија. На 24 јуни 1992 година, Светиот Синод на Албанската Православна Црква го избра за Архиепископ на Тирана и на цела Албанија.

 

За 15 години Владиката Анастасиј успеа да ја прероди Албанската Црква, иако ова беше пропратено со голем труд и опасност (властите долго време не го признаваа Владиката, а екстремистите дури и се обидоа да извршат атентат над него, пукајќи на неговата резиденција).

 

Пред Втората светска војна овде имаше 354 цркви и 300 параклиси, 370 парохиски свештеници, 2 семинарии и 28 манастири. Кога Владиката Анастасиј пристигна во земјата, од свештениците живи беа само 15 и сите тие беа стари и болни. Ниту еден манастир. Во првите месеци по доаѓањето на Архиепископот, Литургијата се служеше под отворено небо, бидејќи немаше ниту еден храм со целосен покрив.

 

Денес се ракоположени 4 архиереи, 144 свештеници и ѓакони, активно живеат 5 манастири, изградени се 85 нови храмови, 75 се возобновени и 150 поправени. Отворени се 12 православни детски градинки во разни градови, православно училиште во Ѓирокастро и Богословска академија во Драч, дијагностички центар во Тирана, црковна радиостаница со 24-часовна програма, весници и списанија, издаваштво во кое, покрај другото, е преведена и издадена Библијата на албански јазик, создадени се иконописно ателје и реставрационо ателје, итн.

 

Како последица на тоа, Албанците масовно се обраќаат и враќаат во православието. Иако, од разбирливи причини, во Албанската Црква не сакаат за ова јавно да зборуваат, но благодарение на напорите на Архиепископот Анастасиј и неговите многубројни помошници десетици илјади не само неверни туку и муслимани ѝ пристапија на Христовата вера. Бројот на православните овде расте секоја година, дури и сегашниот претседател на Албанија Алфред Мојсиу е православен.

 

Богослужбите се извршуваат на албански, грчки и романски (влашки) јазик.

 

Во Албанија живее и голем број православни Македонци.