Православието во Кина
 
 
 
 
 

Православието во Кина (10.03.2007)

Исполнувајќи ја Господовата заповед за проповед на вистината на сите народи, светиот апостол Тома дојде „дури до крајот на светот“ – до земјите на денешна Кина, каде што многумина приведе кон Христа. Апостолот Тома е прв меѓу Небесните заштитници на Кина, кој и денес вознесува молитви пред Престолот Господов да се зачувува и просветли земјата нему доверена, исто како и мноштвото кинески новомаченици, кои пострадаа од богоборците во 20 век.

 

Додека присуството на Западните христијански цркви е многу добро познат факт, многумина не знаат дека и Православната Црква исто така е присутна во оваа земја повеќе од 300 години. Православието допре до Кина со источното проширување на Руското царство преку Сибирскиот далечен исток во 1651 година, повеќе од еден век пред пристигнувањето на првите протестантски мисионери. Во пограничните пресметки во регионот на реката Амур меѓу трупите на тогаш владеачката Квинг династија и рускиот цар, Кинезите во 1685 година заробија Руси, меѓу кои и свештеникот Максим Леонтиев. По мировниот договор од 1690 година во Нерчинск, заробениците беа ослободени, но некои од нив одлучија да останат таму како кинески граѓани. Царот Канг Хси им даде пагански храм во Пекинг, кого православните верници го претворија во православен храм, посветен на Премудроста Божја и во него ставија икона на свети Николај Чудотворец. Црквата подоцна беше преименувана во црква на Успението на Богородица. Царот исто така на отец Леонтиј му даде почесна царска титула.

 

Така беше посеано семето на Руската црковна мисија на кинеската земја. За 200 години до Боксерската буна во 1900 година, Мисијата успеа да обрати во верата само мал број домородни Кинези, и тоа главно преку мешани бракови со потомците на руските заробеници (Албазинијанци). Наспроти тоа, католичките и протестантските мисионери преземаа активни мисионерски потфати.

 

За време на Боксерската буна или Јихетуан движењето, како што Кинезите го нарекуваат востанието од 1900 година, 200 Кинези и Албазинијанци, на чело со архипастирот свети Митрофан пострадаа за верата Христова во Пекинг. До ова време Албазинијанците прилично се асимилираа со месното население, после два века соживот. Нивниот надворешен изглед не се разликува многу од поголемиот дел на Хан кинеското население, иако етнички тие себеси се сметаат за Руси по потекло.

 

Православното население во Кина нагло се зголеми во 20 век, главно заради приливот на руската бела емиграција. Истовремено, Боксерското востание не ѝ попречи на крвта на Мачениците да принесува како плод нова генерација на кинески верници. Архимандритот Инокентиј Фигуровски, кој во 1902 година стана прв Пекиншки Епископ, иницираше превод на литургиски и катехетски православен материјал за првпат на говорен кинески јазик, наречен гуанхуа.

 

Ова беше златното доба на православието во Кина, со многу изградени цркви. За жал, повеќето Руси ја напуштија Кина по доаѓањето на власт на комунистите во 1949 година. Некои од нив се вратија во Русија, но повеќето емигрираа во Австралија и Америка.

 

Славниот свети Јован, Архиепископ Шангајски, беше меѓу последните што заминаа, како и свештениците Илија Вен и Михаил Ли. Свештеникот Михаил Ванг и протоѓаконот Евангелос Лу останаа во Шангај и многу пострадаа за време на Културната Револуција (1966-76). Тие веќе не се активни свештеници, бидејќи во Шангај нема функционални православни храмови.

 

Православната Црква во Кина доби статус на автономија од Московската патријаршија во 1956 година и имаше двајца епископи Кинези, неколку свештеници и веројатно некаде до 20 000 верници во раните 60-ти години од минатиот век. Но никогаш не се опорави од превирањата во „културната револуција“ од 60-тите и нејзината антирелигиозна политика. Културната револуција уништи поголем дел од црковните зданија и многу верници беа прогонувани. Црковниот живот беше практично елиминиран и верниците мораа да прибегнат кон служби во приватни домови за да продолжат да ја живеат својата вера.

 

Во декември 2004 година, последниот кинески православен свештеник што живееше во Кина, отец Александар Ду Лифу, почина во Пекинг на 80-годишна возраст. Никогаш не му успеа да добие дозвола од владата за отворање на црква во Пекинг: властите тврдеа дека заедницата (околу 300 верници) е премногу мала.

 

Сепак, постојат напори од страна на повеќе Православни Цркви за обнова на православниот живот во Кина, а неколку кинески студенти моментално се воспитаници на руски теолошки училишта. Според проценките на отец Дионисиј Поздњаев, надлежен за Кина во Одделот за надворешни црковни врски при Московската патријаршија, во Кина живеат околу 13 000 православни верници. Постојат парохии – без свештеници – во Ксинјанг, Внатрешна Монголија и Харбин, каде што се зданијата на руските цркви се највпечатливото нешто. Во последниве години Московската патријаршија е доста активна, особено во напорите да ја убеди Кинеската влада да ја регистрира Црквата, но малубројноста на нејзината паства се чини дека е пречка за тоа. Цариградската патријаршија основаше епархија за Јужна Азија и Далечниот Исток во Хонг Конг – кој сега е дел од Кина – во 1996 година. Исто така и свештениците од Руската Задгранична Православна Црква се редовни посетители во Централна Кина. Тие извршуваат Крштевања и служат Литургии за раштрканите заедници на православни верници. Напорите на недомородните свештеници се попречувани. Во декември 2003 еден православен свештеник кој тајно ја преминуваше границата за да им излезе во пресрет на духовните потреби на православните верници во Ксинјанг, на западните кинески граници, беше депортиран.

 

Кинеската влада обично е флексибилна кога се работи за мали групни молитви во приватни домови, но забелешки има при појавата на повеќе од „шака“ луѓе собрани заедно. Гостите-свештеници обично мораат да работат под надзор на Државната администрација за Верски прашања ако не сакаат да наидат на пречки, и главно добиваат дозвола да прават служби за странци - нивни сограѓани кои работат или престојуваат во Кина. Ваквите служби обично се одвиваат во некоја од амбасадите и кинеските верници немаат пристап на нив. Кинеските семинаристи во руските семинарии се надеваат дека ќе се вратат во Кина за да им служат на верните таму. Но, ова е чувствително прашање и потребно е одобрение од Кинеската влада, така што нивната иднина е неизвесна.

 

Кинеската влада во последните години се чини дека е попопустлива. Во јули 2004 година му дозволи на руски јеромонах да ја посети црквата на Покровот на Богородица во Харбин, за да ја изврши светата Тајна исповед на кинески и руски, а беше остварена и посетата на рускиот епископ Марк на Пекинг, на официјална покана од месните верски водачи и Државната администрација за Верски прашања.

 

Во Русија, пак, епархијата за Владивосток направи креативен мисионерски потфат, дозволувајќи нејзина црква да биде дел од туристичка маршрута за кинеските туристи. Црквата располага со објаснување на Православната Црква и нејзините служби на кинески јазик со кој се служат туристичките водичи, а туристите имаат и можност да запалат свеќа пред иконата на Кинеските Маченици. Рускиот претседател Путин, од своја страна, пред Синодот го постави прашањето за обраќање во православието на сè поголемиот број Кинези кои живеат и работат во Русија.

 

Обидите да се возобнови православието во Кина се случуваат и во виртуелниот простор. Православен верник со кинеско потекло кој живее во Соединетите Држави, Митрофан Чин, е webmaster на сајтот Orthodoxy in China (http://orthodox.cn), кој стартуваше со работа во пролетта 2004 година. Овој сајт е создаден со цел да биде портал на сè што кој било би сакал да дознае за православието во Кина, особено за неговата денешна состојба и за изгледите за развој во иднината. Катехетска литература и литургиски текстови на класичен и современ кинески јазик овде се лесно достапни за секого. Обезбедени се и линкови на разни Интернет извори и Кинески дебатни панели за да се искористи максимално моќта на Интернетот за обезбедување обилство информации и за размена на идеи коишто еден сајт не може да ги обезбеди. Новинарски написи поврзани со кинеското православие од медиумите од руското говорно подрачје се преведуваат на англиски, за меѓународната англиско-говорна заедница да биде навремено запознаена со мисионерската активност на руските православни.

 

Online библиотека со поголемиот дел од православни текстови на класичен кинески јазик создадени во 19 и во раниот 20 век од Руската црковна мисија, достапен е преку интернет, што е најекономичен и најбрз пат за луѓето во Кина да дојдат до свој примерок од овие ретки историски текстови. Понови кинески преводи, погодни за помладата кинеска генерација, на дневни молитви и акатисти како и на Литургијата на свети Јован Златоуст, исто така се достапни online. Повеќето од материјалот, на барање на кинески државјани бесплатно се снима на СD, со препорака понатаму да го преснимуваат и за свои роднини и пријатели.

 

Се работи и на преводот на „Охридскиот пролог“. Проектот го започна протестант од Хонг Конг, а потоа на него работеше православен Кинез кој живее во Романија.

 

Повеќето православни верници, посетители на сајтот, се новообратени во верата и трагатели по вистината. Обично анонимно пишуваат пораки, прашувајќи за православната вера. Често, бивајќи привлечени од убавината на некои од возобновените православни цркви во Кина, патуваат за да ги посетат поранешните цркви, како Света Софија во Харбин или пак во потрага по цркви што можеби ја преживеале Културната револуција и по православни верници во нивната близина. Бидејќи во популарните кинески медиуми не се застапени православни прашања, сајтот нуди и многу потребни православни вести, како меѓународни така и домашни, на кинески јазик.

 

Постои и парохиски сајт на црквата на Света Троица во Тајван исто така на кинески, но тој го користи традиционалното кинеско писмо, различно од она што во Кина го воведе комунистичката влада, поедноставено за да се искорени неписменоста кај кинеското население. Оваа парохија е под Митрополијата на Хонг Конг и Југоисточна Азија.

 

Во поновите проекти спаѓа кинескиот превод на житијата на 222 исповедници и маченици на Кинеската Православна Црква кои пострадаа во Пекинг 1900 година, оригинално напишани на руски, извадени од архивите и за првпат отпечатени во изданието на „Кинески благовесник“ од јануари 2000 година (http://www.chinese.orthodoxy.ru). Ова е официјално списание на руски јазик, под покровителство на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија. Преводот на овие житија на англиски е достапен на http://www.orthodox.cn/history/martyrs/.

 

извор: Religioscope, 23 Oct 2004