Парохија на рамноапостолниот Николај Јапонски во Јоханесбург (15.03.2007)
Христијанството во Африка го донесе светиот апостол Марко, кој во 62 година по Христа ја основаше Александриската Црква. После Соборот во Халкидон, од Александриската Црква се одвои Коптската црква, која не ја призна догмата за двете природи на Господ Исус Христос. Александриската Црква продолжи духовно да ја храни својата египетска паства во текот на целата историја на земјата, со која на почетокот управуваа Римјаните, потоа Турците, и најпосле Англичаните. Меѓутоа, мисионерската дејност на Црквата беше ограничена претежно на Египќаните. Во другите африкански земји за христијанството дознаа некаде во 16 век од западноевропските мисионери-католици. На почетокот на 20 век неколкумина свештеници почнаа да основаат нови православни парохии и да Го проповедаат Христа на сите жители на Африка. Такви парохии во почетокот имаше малку, но со активирањето на Африканското ослободително движење во средината на 20 век, во разни катчиња на континентот и претежно во земјите на тропска Африка почнаа да се појавуваат многу заедници на разни христијански конфесии. Историјата на православните заедници во Африка започнува во 20 век, со основањето на Африканската Православна Црква во Америка. Во самата Африка, пак, неколкумина грчки свештеници почнаа да им говорат за Православието не само на грчките доселеници, туку и на домородните Африканци. Во текот на втората половина на 20 век, Православието се распространи во Јужноафриканската Република (ЈАР), Уганда, Кенија, Танзанија, Зимбабве, Заир, Мадагаскар, Гана, Нигерија, Камерун, како и во земјите на Централна Африка. Богослужбите беа преведени на многу африкански јазици; на пример, само во Кенија, во православните храмови се богослужи на 11 јазици. Меѓутоа, и денес православните парохии во многу африкански градови се најчесто заедници исклучиво од малите дијаспори на традиционално православните земји. Се разбира, во секој од храмовите службите се одвиваат на јазикот на матичната земја, главно на грчки или црковнословенски.
Во 1987 година, во ЈАР беше основано православно здружение, кое одлучи да се занимава со просветителска дејност меѓу домородните жители на ЈАР и да богослужи на јазик разбирлив за сите Африканци. Небесен покровител на здружението стана свети Николај Јапонски. „Светителот беше руски мисионер кој замина во Јапонија и ја основа Јапонската Црква. Тој не се обидуваше да направи Руси од Јапонците и токму таков пример на меѓунационална мисија е урнек за нас. Здружението е повикано да им зборува за Православието на сите, без оглед на нивниот етнички идентитет, јазик и национална култура“ – се вели на сајтот на здружението, кое во меѓувреме стана православна парохија. Јазикот на кој во неа редовно се богослужи е англискиот.
Отпрвин парохијата на свети Николај Јапонски само во одредени денови од неделата можеше да користи англиканска капела за своите собири. После свечената Воскресна богослужба во 1988 година, прислужникот, Јужноафриканец, со изненаденост велеше: „Не ни помислував дека белците умеат да пеат толку добро“. Здружението почна да издава православна литература, отворајќи ја едната од малкуте православни книжарници, каде можеше да се најдат не само книги на грчки и на некој од словенските јазици, туку и текстови преведени на разни јужноафрикански јазици. Книгите доаѓаа до своите читатели и по пошта. Постепено се воспоставуваа врски со заедниците на Африканската Православна Црква во Кенија и Уганда. Меѓутоа, секој пат по завршувањето на богослужбите, парохијаните мораа да го тргаат иконостасот, за да можат верниците на Англиканската црква да се собираат во, за нив, вообичаениот амбиент. (Праксата на времено изнајмување простории за богослужби постои и во други православни заедници: на пример, во парохијата на градот Кембриџ, на денешната Сурошка епархија, секоја недела по Литургијата, православните верници одново ги ставаат клупите во зданието на англиканската семинарија и ги изнесуваат храмовите икони.)
Втор храм на парохијата на свети Николај Јапонски стана руска црква, каде што богослужбите се вршеа еднаш месечно, почнувајќи од 1989 година. Иако храмот како и порано беше изнајмуван од руската заедница, сепак сега немаше потреба да се демонтира иконостасот по Литургијата.
Конечно во 1990 година парохијата купи стара зграда, ја освети и ја посвети на рамноапостолниот Николај Јапонски. Токму тука од крајот на октомври истата година, почнаа да се вршат парохиски богослужби на англиски јазик, при што некои делови од службите се одвиваат на црковнословенски и грчки.
Некое време заедницата се наоѓаше под јурисдикција на Американската Црква, а потоа прејде под Александриската Црква. Парохијата ги дочекува со љубов сите – и Јужноафриканците и доселениците од православни земји. По прекинувањето на политиката на апартхејдот бројот на странците во ЈАР значајно се зголеми. Тоа се емигранти и висококвалификувани специјалисти повикани во земјата за времена работа.
Иконите и фреските во храмот на свети Николај Јапонски во Јоханесбург се дело на парохијаните.
Неодамна парохијата на свети Николај отвори подрачен храм јужно од Јоханесбург. Основниот јазик, разбирлив за сите жители на тоа подрачје е африкаанс. Овдешниот свештеник Јаков ван дер Ријд го преведе текстот на Божествената Литургија на африкаанс, а раководителот на црковниот хор Џорџија Жамин се погрижи за нотите. Сега секоја недела парохијаните се молат на својот мајчин јазик.
Теодор II, патријарх Александриски и Африкански редовно го посетува храмот на свети Николај. Во февруари 2007 година, по повод 95-годишнината од упокојувањето на рамноапостолниот покровител на мисионерската парохија во Јоханесбург, поглаварот на Александриската Црква овде отслужи Божествена Литургија заедно со епископите на Јоханесбург, Кејптаун и Етиопија. Патријархот Теодор и парохијаните му се молеа на светиот рамноапостолен Николај за зацврстување на Православието и на нивната мисионерска парохија. Потоа патријархот Теодор проговори пред собранието на верните за тоа како се запознал со животот на свети Николај Јапонски. Слушајќи од патријархот за сличните мисионерски напори во другите краишта на светот, како на пример во современа Јапонија, верниците почувствуваа дека не се сами и дека кон молитвената закрила на свети Николај Јапонски прибегнуваат многу современи мисионери, кои сакаат да ја споделат светлината Христова со луѓето од сите националности во светот.
Известува: http://www.pravoslavie.ru/cgi-bin/sykon/client/display.pl?sid=247&did=2010