Грузиската патријаршија е против претворањето на најголемиот манастирски комплекс во земјата во слободна туристичка зона (27.03.2007)
Грузиската патријаршија ја смета за неприфатлива иницијативата за претворање на манастирскиот комплекс Давид Гареџи во слободна туристичка зона – предлог на Министерството за култура, заштита на спомениците и спорт на Грузија.
„манастирот на давид гареџи претставува колевка на манастирскиот живот, манастирот си има свој внатрешен типик и статусот на слободна туристичка зона, природно, нема да му одговара,“ – беше ставот на Грузиската патријаршија.
Од друга страна, од Министерството изјавуваат дека реализацијата на нивната иницијатива не само што не се коси со интересите на религијата, туку, доколку со тоа се согласи и азербејџанската страна, со ова ќе се создаде можност за запознавање на поголем број луѓе со историјата на манастирот и со историјата на Грузија, а и ќе се избегне присуството на граничари во оваа погранична зона меѓу Грузија и Азербејџан.
Преговорите меѓу Грузија и Азербејџан во врска со манастирскиот комплекс Давид Гареџи, сместен на поранешната административна граница меѓу двете земји, се одвиваат веќе неколку години. Манастирскиот комплекс вклучува околу 20 манастири издлабени во карпи, како и лаврата на свети давид и неколку стотици пештерски монашки келии. Дел од комплексот се наоѓа на територија на Азербејџан, а дел на територија на Грузија.
извор: Patriarhia.ru