Руски свештеници парично ги помагаат жените што се откажуваат од абортус
 
 
 
 
 

Руски свештеници парично ги помагаат жените што се откажуваат од абортус (29.03.2007)

Православните свештеници од рускиот град Алапаевск, Свердловска област, одлучија да се борат против абортусите со помош на материјални стимулации. Жените што се откажуваат од абортус од црковната каса добиваат месечна помош во износ од илјада рубли. Таква помош идната мајка добива за време на целата бременост и во текот на една година по раѓањето на детето.

Иницијативата е на старешината на локалната црква отец Мојсеј. Парите се од донациите на парохијаните и од касата за изградба на црквата.

„Од религиозна гледна точка абортусот е тежок престап. Се бориме против овој грев преку нашите проповеди, но тоа не е доволно. Неопходно е да навлеземе во проблемите на идната мајка, сепак нешто ја поттикнува кон таа страшна операција“, вели свештеникот.

„Јас дојдов во црква и дознав дека можам да добијам мала помош. Сè се завршува преку консултација. За мене илјада рубли (околу 40 евра) е сериозна сума“, призна идната самохрана мајка Татјана.

Парите се даваат по покажување на документ од гинеколог. Имено медицинарите ги убедуваат идните мајки да не си ја товарат душата со таков грев. И ако жената бара абортус заради материјални потешкотии, докторите ѝ кажуваат за финансиската помош што ја нуди црквата.

Вероисповедта на жената нема значење за отец Мојсеј. Идната мајка што има потреба од помош ќе ја добие дури и ако е атеистка. Лекарите забележуваат дека по отпочнувањето на „крстоносната војна“ против абортусите, бројот на тие операции во градот се намали за 40%.

Според таа програма во Алапаевск веќе се исплатени вкупно околу 600,000 илјади рубли на 60 жени.

Известува: Интерфакс