Во Санкт Петербург откриени мошти на новомаченичката схимонахиња Марија (01.04.2007)
Моштите на преподобната маченичка Марија Гатчинска беа откриени на смоленските гробишта во Санкт Петербург.
Гробот на схимонахињата, погребана на најстарите гробишта во руската северна престолнина во 1932 година, беше отворен откако епископот Петерговски Маркел заедно со свештенослужители отслужи Молебен. На службата пееја монахињите од Новодевичкиот манастир на Светото Воскресение.
„Во гробот покрај моштите откриени се и делови од монашко расо, кожен монашки појас, схимонашки крст, седефен крст од бројаница и метален крст-приврзок. Стручњаците беа вчудоневидени од сочуваноста на моштите, а особено на чесната глава на новомаченичката и прстите на рацете“ – изјави секретарот на комисијата за откривање на моштите, Виктор Василев.
Схимонахињата Марија (во светот – Лидија Лељанова) е родена во 1874 година во Санкт Петербург, во семејство на трговци. По прележаниот енцефалит во младоста, целосно се парализирала. Во 1922 година во Гатчина го примила монашкиот потстриг. Почитувањето на оваа монахиња започнало уште за време на нејзиниот живот. Кај прикованата за постела монахиња доаѓале луѓе од многу краеви на Русија барајќи утеха и молитвена поддршка. Во 1932 година Марија Гатчинска била осудена за измислено дело и умрела во затворска болница. Во досието од истрагата постојат сведоштва дека таа имала дар на проѕорливост, на љубов, на утешување во неволјите и на молитвена помош во тешките животни околности.
Марија Гатчинска беше канонизирана од Руската Православна Задгранична Црква во 1981 година, а во 2006 година Светиот Синод на Руската Православна Црква (Московска Патријаршија) ја прослави во Соборот на руските новомаченици и исповедници. Нејзините мошти ќе бидат пренесени во Гатчинскиот соборен храм на свети Павле, каде ќе останат за верните да им се поклонат.
известува: www.pravoslavie.ru