Од Пасхалното послание на Рускиот патријарх Алексиј II до архипастирите, монасите и до сите верни чеда на Руската Православна Црква
 
 
 
 
 

Од Пасхалното послание на Рускиот патријарх Алексиј II до архипастирите, монасите и до сите верни чеда на Руската Православна Црква (14.04.2007)

„Христос воскресна!

...Искупителната Жртва на Господ наш Исус Христос, Неговото Светло Воскресение му донесе на човештвото досега невидена слобода – слобода од гревот и од смртта. Но, со таа слобода се здобива само оној кој себеси се доверува на Христа Спасителот, оној кој Него Го прима како „пат, вистина и Живот“ (Јован 14, 6), според Евангелието: „Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8, 31-32). Таа вистина е Воскреснатиот Господ наш Исус Христос Кој ја разруши силата на адот и смртта, Кој ни дарува слобода да го одбереме Животот Вечен. Во Огласителното Пасхално слово, кое на овој светол празник се чита во сите храмови, свети Јован Златоуст вели: „Никој да не се плаши од смртта, бидејќи од неа нѐ ослободи смртта на нашиот Спасител“.

Да ја воспееме заедно со Светата Мајка Црква победата на Спасителот над смртта, да ликуваме, да се радуваме на подареното искупување, да се потрудиме да го споделиме нашето празнување со оние кои сѐ уште пребиваат во грев, за да ги приведеме и нив кон ослободувањето во Христа и кон Вечниот Живот. Да го исполнуваме „совршениот Закон на слободата“ (Јаков 1, 25) и да ги научиме и ближните и далечните, помнејќи дека чувањето на законот во срцето и неговото исполнување на човекот му дава можност непосрамено да застане пред лицето на Праведниот Судија.

Покрај нас живеат многу луѓе коишто сметаат дека слободата ја донесуваат парите или власта, силата или здравјето, тоа што сѐ е дозволено или неморалот. Поклонувајќи им се на овие идоли од овој век, натпреварувајќи се во гордоста и егоизмот, тие сѐ уште не забележуваат како сѐ подлабоко тонат во ропство – во ропство на себељубието, порокот и стратите. Блажени се оние кои доаѓаат во храмот Божји и тука спознаваат што е вистинска слобода и како да се тргне на патот на восовршувањето. Блажени се оние кои поради стекнувањето на таа слобода без мрзеливост се трудат околу своето спасение, сочувувајќи ја верноста кон Христа во сите неволји и таги од овој век.“

 

Известува: http://www.sedmitza.ru/index.html?did=42527