Грчкиот архиепископ во посета на болните и затворените
 
 
 
 
 

Грчкиот архиепископ во посета на болните и затворените (16.04.2007)

На 5 април Грчкиот архиепископ Христодул го посети центарот „М. Кокорис“ на светата Атинска Архиепископија, кој им помага на ментално заостанатите деца и децата со Down синдромот. Поглаварот на Грчката Црква им врачи велигденски подароци на децата, воспитаници на центарот, како и на вработените во него.

Архиепископот рече дека денес многу деца имаат потреба од ваков вид згрижување и дека центарот има за цел да ги опкружи со љубов овие деца за тие да се чувствуваат како дома, да им даде можност да живеат нормален живот и можност да научат самостојно да се грижат за себеси и да творат, развивајќи ги своите способности.

Потоа поглаварот на Грчката Црква го посети затворот Авлонос, каде на околу 300 затвореници им даде велигденски подароци. Во своето обраќање до затворениците, Архиепископот рече дека тој не сака да ги обвинува ниту да ги прекорува, туку да им каже дека Црквата ги сака сите нив – и православните Грци и странците и оние со друга вероисповед. Архиепископот ги потсети затворениците за Блудниот син и им рече дека поуката на оваа парабола е дека Бог им простува на оние што ќе се покајат.

„Независно од тоа што ќе реши правосудниот систем во однос на вас, многу е битна вашата одлука да речете: ‘Боже, прости ми’. И Тој повторно ќе ве прими. Сите ние Му го вртевме грбот на Бога, но Тој чека кога ќе решиме да се свртиме кон Него. Никогаш не е доцна човек да се покае, доволно е да се пројави вистинско покајание.“

 

известува: http://www.pravoslavie.ru/news/070416151418