Букурешт (19.04.2007)
Романскиот патријарх Теоктист во неделата на свети апостол Тома присуствуваше на Светата Литургија, којашто во патријаршиската катедрала во Букурешт ја отслужи викарниот епископ Варсануфиј Праховенаул. Во својата беседа епископот Варсануфиј ги истолкува главните црти од Евангелието коешто се читаше на овој ден: „Денешното Евангелие нѐ поттикнува да си ја чуваме православната вера, да не оставиме ништо лошо во нашето срце и да ги исполнуваме Христовите заповеди, за да бидеме учесници на даровите што Он ни ги даде, за да можеме да живееме во мирот што Он ни го дарува преку Воплотувањето, Жртвата и преку Своето Воскресение. На светите апостоли им беше дадена власт преку Светиот Дух да ги простуваат гревовите тука на земјата и тие да бидат простени и на небесата, власт која е пренесена преку апостолското преемство на епископите и на свештениците до ден-денес. Затоа во оваа недела на св. апостол Тома да ги носиме во нас големите дарови на Христа: Неговите прекрасни заповеди, да љубиме и да останеме во оваа Христова љубов, да го љубиме мирот за да бидеме синови Божји, да ги љубиме добродетелите за преку нив да ја добиеме наградата преку која ќе станеме и учесници на Неговото Воскресение и на вечниот живот.“
известува: mmb.ro