Потпишување на Актот за канонско единство (08.05.2007)
Повеќе од половина архиереи на Руската Православна Задгранична Црква и околу третина од нејзините свештеници ќе земат учество на историската богослужба во храмот на Христос Спасителот во Москва, која ќе го означи обединувањето на РПЗЦ со Московската патријаршија.
На 17 мај, кога треба да се случи потпишувањето на Актот за канонско единство, се очекува во Москва да пристигнат седум архиереи на РПЗЦ, меѓу кои ќе биде и Поглаварот - митрополитот Лавр и повеќе од седумдесет свештеници, изјави секретарот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, протоереј Николај Балашов.
Според него, „во храмот на Христос Спасителот исто така ќе пристигнат како поклоници околу шестотини наши сонародници – парохијани на Задграничната Црква.“ На нивна молба, на 17 мај во текот на целата свечена богослужба ќе бидат отворени царските двери, што обично се случува само во Светлата седмица.
„Мирјаните сакаа со сопствени очи да видат како ќе се случи тоа за првпат – кога митрополитот Лавр и задграничните свештеници заедно со нашите за првпат ќе се причестат од иста Чаша“, појасни о. Николај.
Потоа во храмот на Христос Спасителот ќе биде отворена изложба посветена на историјата на РПЗЦ. Задграничната Црква даде свој придонес во подготовката на оваа изложба: на пример, овде ќе биде претставен дел од богослужбените одежди на патријархот на Москва и цела Русија Тихон, како и реликвии поврзани со парохиите на РПЗЦ.
На 17 мај ќе биде одржана и прес-конференција, на која ќе земат учество митрополитот Смоленски и Калининградски Кирил, архиепископот Корсунски Инокентиј, како и митрополитот Лавр и архиепископот Берлинско-германски Марк – водечките учесници во преговарачкиот процес.
Уште еден важен настан ќе се случи на 19 мај, кога патријархот Московски и Руски Алексиј II, во сослужение со митрополитот Лавр ќе го освети храмот на Руските Новомаченици на Бутовскиот полигон, каде што во Сталиновото време беше стрелано огромно мноштво луѓе, меѓу кои и свештенослужители. Пред три години, за време на официјалната посета на митрополитот Лавр во Москва, тој и патријархот Алексиј ги положија темелите токму на овој храм.
Најпосле, на 20 мај, во историски главниот храм на Русија – Успенскиот Собор на Кремљ – одново ќе сослужуваат патријархот Алексиј и митрополитот Лавр. Спред зборовите на о. Николај, заради тоа што овој храм не може да прими повеќе луѓе, одлучено е на таа служба да учествува минимален број свештенослужители од Московската патријаршија.
„Ова ќе биде сторено специјално со цел да им се овозможи на што поголем број наши задгранични браќа да му сослужуваат на патријархот“, појасни о. Николај.
Потоа задграничните гости ќе ги посетат руските православни епархии како во Русија така и во Украина. Меѓу другото, митрополитот Лавр има намера да го посети Курск, каде што своевремено е јавена Курско-коренската икона на Божјата Мајка, главна светиња на Задграничната Црква, а потоа ќе ја посети Киево-печерската лавра.
На празникот Педесетница (Света Троица) митрополитот Лавр ќе отслужи Литургија во соборниот храм на Света Троица во Почаевската лавра, кој своевремено беше изграден и осветен од првиот Поглавар на РПЗЦ митрополитот Антониј (Храповицки).
извор: Интерфакс