Руската Црква се обедини (17.05.2007)
Свештенството и верниците на обединетата Руска Православна Црква за првпат после скоро 90-годишниот прекин се причестија од една Чаша.
По завршувањето на празничната Вознесенска Литургија во четвртокот, во олтарот на црквата на Христос Спасителот заеднички се причестија патријархот Московски и на цела Русија Алексиј II, поглаварот на Руската Задгранична Православна Црква, митрополитот Лавр, архиереите и свештениците на двете гранки на Руската Црква.
Можноста за заедничко учество во централната православна Света Тајна беше основен резултат од претходно потпишаниот Акт за канонско единство, со кој беше воспоставено единството на Руската Црква.
Причестувањето на клириците овојпат се одвиваше при отворени царски двери (кои водат во олтарот), што обично се случува во Светлата седмица. Ова беше сторено по молба на пристигнатите во Москва верници на Задграничната Црква, кои сакаа со свои очи да го видат првото заедничко причестување на патријархот Алексиј и митрополитот Лавр.
По причестувањето на клириците, патријархот Алексиј придружуван од архиереите и свештениците излезе од олтарот на амвонот и ја прочита традиционалната молитва пред Светата Тајна Причест. Веднаш потоа отпочна заедничкото причестување на паствата на Московската патријаршија и на Задграничната Црква.
известува: Интерфакс