Прво заедничко сослужување на претставници на Московската Патријаршија и Руската Задгранична Православна Црква во Швајцарија (06.06.2007)
Во првата недела по Педесетница, на празникот на Сите Светии, Архимандритот Мартин (де Кафлиш), игумен на манастирот на Света Троица во Домпиер (Швајцарија), заедно со епископот Амвросиј (Кантакузин) од Руската Задгранична Црква, отслужи Бдение и Божествена Литургија во храмот во Веве. Еве што вели тој после првото евхаристиско сослужување:
„Навистина радост, мир и братска љубов блескаа од сите во овој благословен ден. Сите ја почувствуваа со благодарност јавената благодат – можноста да се причестат од заедничката Чаша на денот на Сите Светии, вистинската круна на Педесетницата.
Бидејќи, токму молитвата на сите светии, на новомачениците, и солзите на верните направија да биде надминато едно скоро осумдесетгодишно отуѓување. Без сомневање, исто така и почитта, заемната љубов, довербата и ставањето на Христос Спасителот во центарот на сите нешта, во срдечно раскајание и покајание, направија да ни биде дадена оваа благодат на обединувањето. Ова сигурно е некаков крај, но понатаму треба да бидат напишани и нови страници заедно. Само така, живеејќи ја еднодушно љубовта со која Бог нè возљуби, ќе го направиме веродостојно и плодотворно сведоштвото на нашата православна вера пред безбројните предизвици на денешниот секуларизиран свет“.
Кон парохиската заедница во Веве и монашкото братство од Домпиер се присоедини и отец Петар Меан од Српската Православна Црква со некои од своите парохијани. По Литургијата, парохијата приреди обилна трпеза во дворот на црквата, пренесувајќи ја на тој начин во празничната „литургија по Литургијата“ радоста од заедничката Света Причест.
Да напомнеме дека епископот Амвросиј беше истакнат член на мешовитата комисија за дијалог меѓу двата дела на руското православие, чија усрдна работа доведе до овој успешен крај. Господ нека нè благослови сите, за да нема никогаш повеќе слични расколи, и да ни ја даде благодатта на верноста во покајанието и љубовта.
известува: http://egliserusse.typepad.fr/chersonese/2007/06/premire_conclbr.html#more