Вести од Александриската патријаршија (07.06.2007)
Неговата Светост Теодор II, патријарх на Александрија и цела Африка, на 2 јуни 2007 година го прими во патријаршиската резиденција проф. Димитриј Константиос, директор на Византискиот музеј во Атина, кој дојде да му помогне на Патријархот во изработката на проектот за обнова на патријаршиската резиденција, бидејќи под зданието се пронајдени многу катакомби и подземни канали за дождовница од Птоломеидскиот египетски период. Тие подземни простории најверојатно ќе бидат претворени во патријаршиска ризница и музеј.
На 3 јуни 2007 година, на Светата Литургија во храмот на свети Сава Освештен во Александрија, Неговата Светост Теодор ракоположи десетмина чтеци, студенти на Александриското патријаршиско училиште „Атанасиј Велики“, кои повторно, после 470 години откако таа пракса беше укината, ќе се занимаваат со мисионерство во Африка, па дури и со поучување на верниците во областа на земјоделството, информационите техники, првата помош и богословието. Патријархот во оваа пригода рече: „Повикани сте во сите краишта на Африка да го сведочите Христовото Евангелие, како што тоа го правеа апостолите и светителите... Секогаш помнете ја едната заедничка задача – да им проповедаме на сите народи...“