Англија – земја на православната светост
 
 
 
 
 

Англија – земја на православната светост (08.06.2007)

На 2 јуни, под покровителство на Сурошката епархија, се одржа конференција на тема „Англиските светители и единството на Црквата“. На неа за првпат учествуваа и претставници на Руската Задгранична Црква, која неодамна го воспостави единството со Московската патријаршија.

 

Конференцијата се одвиваше во лондонскиот соборен храм на Сурошката епархија, посветен на Успението на Пресвета Богородица и на Сите Светии. Првиот реферат го прочита отец Ендрју Филипс, настојател на храмот на свети Јован Шангајски (Руска Задгранична Црква), познат англиски православен агиограф. Тој забележа дека луѓето обично не ја гледаат Велика Британија како земја на православни светители, наспроти тоа што таа е татковина на повеќе од 300 прославени светители, маченици, подвижници на благочестието, кои го посветиле својот живот на Бога и на Црквата.

 

Според преданието, двајцата првопрестолни апостоли Петар и Павле проповедале на територијата на Британските острови. Затоа двата најголеми храма на Лондон се посветени на овие апостоли: Вестминстерската Опатија, посветена на апостол Петар, и соборниот храм на Лондон, посветен на апостол Павле.

 

Особено почитуван во Англија е светиот Албан, британскиот првомаченик. Неговите зборови, „Му се поклонувам на единиот вистинит жив Бог, Творец на сѐ“, и до ден-денес ги вдахновуваат православните христијани.

 

Отец Ендрју Филипс го нарече времето до крајот на 8 век „епоха на процут, златен век на Православието на Британските острови“. Потоа почнала епохата на мачеништво, која продолжила до отпаѓањето на Англија од Православието.

 

Како карактеристичен пример за светител од вториот период на британската светост, отец Ендрју го посочи кралот-маченик Едмунд. Светителот одбил да се откаже од верата, заради што туѓинците-напаѓачи го стрелале со стрели. Отец Ендрју ја спореди неговата судбина со онаа на царот-маченик Николај II.

 

Кралот Едмунд бил почитуван исклучително многу. Тој бил првиот светител-заштитник на Англија и останал тоа до 15 век, кога за покровител на земјата бил прогласен свети Георгиј Победоносецот. Во 879 г. маченички пострадала света Ева од Колингам со сестринството од нејзиниот манастир.

Во текот на 10 век имало многу големи светители: во 979 година маченички е убиен светиот англиски крал Едвард, а по него и многу други светители. Меѓу нив има и маченици, и просветители, како светиот маченик Зигфрид, апостол на Шведска.

Понатаму отец Ендрју се задржа на врските меѓу англиската и руската светост. Тој напомна за англиските корени на преподобната новомаченичка, великата кнегиња Елисавета – внука на кралицата Викторија, основателка на московскиот манастир на светите Марта и Марија. Според него, овој манастир би можел еден ден да стане англиски метох во Москва.

 

Отец Ендрју зборуваше и за подвижниците од поново време, како што се маченикот Николас Џонсон, убиен заедно со великиот кнез Михаил Александрович, чиј секретар бил, и за блажениот Самсон Сиверс – познат подвижник. Тој го примил Православието на млада возраст и починал кон крајот на 70-тите години од минатиот век. Денес многумина го почитуваат како светител. Познат е неговиот покаен канон, сега преведен на англиски јазик.

 

Отец Ендрју проговори и за животот на свети Јован Шангајски, кој во Англија 12 години служеше како архиепископ, пред да отпатува за Сан Франциско.

 

Рефератот беше ислушан со голем интерес. Во последувателната дискусија беше разгледано прашањето за вклучување на имињата на британските светители во календарот на Руската Православна Црква. Присутните се согласија дека за општоцрковно почитување може да бидат предложени не помалку од 15 светители.

 

Извор: Сурошка епархија