„Црквата е должна да напомнува дека милиони луѓе живеат во беда“
 
 
 
 
 

„Црквата е должна да напомнува дека милиони луѓе живеат во беда“ (10.06.2007)

На 5-6 јуни 2007 година, во пресрет на средбата на врвот на „Г-8“, во Келн се одржа веќе традиционалната средба на лидерите на светските религии, организирана овојпат по иницијатива на Евангелистичката црква на Германија. Средбата требаше да ги информира лидерите на развиените земји за религиозниот поглед на глобалните проблеми, од кои многу ќе бидат разгледани и на средбата на врвот. Особено внимание религиозните лидери му посветија на проблемот на бедата.

 

Во своето излагање Митрополитот смоленски и калининградски Кирил изјави дека „е долг на Црквата да им напомнува на сите дека милиони луѓе живеат во беда, страдаат од глад и социјална дискриминација, од последиците на деградацијата на околината“. Така е најмногу заради тоа што во доминантната политичка и економска култура вредноста на човекот и народот се унижува во алчната потрага по материјална благосостојба, власт, удобност, забава. Во мал број на земји се гради општество на висока, па можеби и на прекумерна потрошувачка. Крајната беда – забележа митрополитот Кирил – секогаш ја придружува фактичкото ограничување на човековите права“.

 

„Продолжувајќи го служењето на Христос, Кој се поистовети Себеси токму со онеправданите, Црквата секогаш го крева својот глас во заштита на безгласните и немоќните... Духовната благосостојба и самосочувувањето на општеството се возможни само тогаш кога обезбедувањето на животот, здравјето и минималната благосостојба на сите граѓани се смета за безусловен приоритет при распределбата на материјалните средства“, подвлече владиката Кирил. Тој изјави дека денес постоечкиот светски економски систем има многу негативни моменти. Меѓу другото, тоа е нејасноста и нерамноправноста при донесувањето решенија во меѓународните финансиски организации, заради што на владите на економски слабите земји фактички им е одземено правото да ја насочат судбината на своите народи. Најважните решенија, особено во економската сфера, се донесуваат не од претставниците на народите, туку од меѓународната олигархија, од раководителите на транснационалните корпорации и информативната елита. „Потоа тие решенија им се наметнуваат на повеќето народи ширум светот како веќе безалтернативни“, рече митрополитот Кирил.

 

Допирајќи ги проблемите на меѓународната безбедност, митрополитот Кирил изјави дека е недопустливо да се засилува напнатоста преку поседување на нови системи за противракетна одбрана во Европа. Според него, „ние сме на прагот на возобновувањето на натпреварот во вооружувањето“. „Изгледа дека е време одново да се вратиме на темата за безбедноста на европскиот континент и да го изразиме нашето отфрлање на перспективите на натпреварот во вооружувањето, кој, како што знаеме од минатото, ги засега не само земјите вовлечени во него, туку ја фрла својата страшна сенка и врз целата планета“, рече тој во заклучок.   

 

Извор: Руска линија