Јордан одново го призна Ерусалимскиот патријарх Теофил
 
 
 
 
 

Јордан одново го призна Ерусалимскиот патријарх Теофил (15.06.2007)

По интензивната шатл дипломатија на грчкиот министер за надворешни работи Дора Бакојани, Јордан соопшти дека ја отповикува својата поранешна одлука со која го прогласи за незаконски Ерусалимскиот патријарх Теофил и изјави дека од денес Кралството Јордан одново го признава за легитимен. Оваа одлука беше донесена после седница на Советот на министрите на оваа земја, но дури откако тие добија уверувања од страна на Светиот Синод на Ерусалимската Црква дека не е продадена ниту педа земја на Патријаршијата. Териториите над кои Ерусалимската патријаршија има јурисдикција се од исклучителна важност за секоја од страните во конфликтот во овој регион и затоа продажбата на земја е мошне комплицирана и на висока цена.

 

Како еден од најголемите сопственици на земја, Ерусалимската патријаршија е објект на постојан притисок од различни кругови, а најмногу од израелските бизнис-кругови, да дава под долгорочен закуп или да продава делови од земјиштето. Скандал во врска со ова беше причина за симнување од патријаршискиот престол на поранешниот Ерусалимски патријарх Иринеј.

 

Наспроти постигнатата согласност со Јордан, во Ерусалим продолжуваат протестите на православните Арапи со барање да се стави крај на грчкото мешање во работите на Патријаршијата и да се обезбеди поголемо влијание на Арапите во управувањето со црковните дела. Пред неколку дена патријархот Теофил испрати писмо до властите во Аман, со кое се ангажира да вклучи во составот на Светиот Синод четворица Арапи. Протестите на верниците се организиранин околу Севастискиот архиепископ Теодосиј, кој е со арапско потекло и кој си постави за цел „заштита на правата на арапските свештенослужители“. Треба да се напомене дека овој единствен Арап-архиереј на Ерусалимската патријаршија дури не е член на Светиот Синод, кој инаку вклучува и архимандрити во својот состав. Меѓу понискиот клир мнозинството парохиски свештеници се Арапи, но за пополнување на составот на архиереите секогаш се бараат кандидати од Грција или барем од Кипар. И такви секогаш и се наоѓаат, бидејќи во Ерусалимската патријаршија кариерата им е сигурна. Скоро на истиот начин се дејствува и во другата источна патријаршија со долговековна грчка традиција среде високиот клир – Александриската. Таму има 36 повисоки клирици со епископски чин, а само двајца од нив се Африканци!

 

Извор: Dveribg.net