Синодот на Грчката Црква им забрани на клириците да учествуваат во изборниот процес (16.06.2007)
Грчката Православна Црква им забрани на своите свештенослужители да учествуваат во изборниот процес и да се кандидираат на изборите. Оваа одлука беше донесена од Светиот Синод на Грчката Црква. Православните архиереи одговорија негативно на молбата на свештеникот Спирос Цакалос да му дозволат да ја истакне својата кандидатура на изборите. Според мислењето на Синодот, учеството на свештеникот во политиката може да ги подели верниците врз основа на нивните политички убедувања.
„Поделбата на верниците е недозволива, тоа не ѝ приличи на духовната улога на свештеникот. Црквата има цврст став по однос на ова прашање и се воздржува од учество во политичките партии“ – изјави постојаниот член на Синодот на Грчката Црква, Александрополскиот митрополит Антим.
Иако грчките свештеници се ограничени во правото да бидат избрани, останува нивната должност, како и на сите граѓани на земјата, да гласаат на изборите. Меѓутоа, свештениците немаат право да им даваат совети на верниците во однос на тоа како да гласаат и, воопшто, јавно да ги изразуваат своите политички преференци.
Во Грција Црквата не е сосема одделена од државата. Имено, свештениците добиваат плати и пензии од државниот буџет, а во училиштата го предаваат Божјиот Закон.
Црквата официјално не поддржува ниту една од партиите, но нејзиниот поглавар, архиепископот Христодул одвреме-навреме се изјаснува по политички прашања и овие негови истапувања имаат сериозен одек во општеството. Така пред неколку години Архиепископот истапи остро против новите лични карти за грчките граѓани, од кои беше извадена традиционалната графа „вероисповед“. Архиепископот тогаш беше подржан со демонстрации на верниците, но и критикуван од многу политичари и од печатот, кои го обвинија архиерејот за мешање во политиката.
Во наредниве месеци Грција постепено влегува во редовната предизборна кампања. Парламентарните избори во земјата можат да бидат одржани во кое било време до март 2008 година.
известува: Патриархиа.ру