Разгледувањето на можноста за средба меѓу патријархот Алексиј и папата Бенедикт не е во дневниот ред на посетата на Русија на Кипарскиот архиепископ Хризостом (21.06.2007)
Од Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија истакнуваат дека посетата на поглаварот на Кипарската Православна Црква, архиепископот Хризостом II, не е поврзана со разговори околу можна средба меѓу Рускиот патријарх Алексиј II и Римскиот папа Бенедикт XVI.
„Дискусијата на оваа тема не е внесена во дневниот ред на посетата и не беше разгледувана во нејзините подготовки“ – соопштија за „Интерфакс“ од ОНЦВ. Притоа претставникот на ОНЦВ забележа дека меѓу Москва и Ватикан „нема проблеми во комуникацијата за кои би било потребно посредништво“.
Секретарот на ОНЦВ за меѓуправославни односи, протоерејот Николај Балашов, изјави дека посетата на Русија на архиепископот Хризостом „е прва официјална посета што според православната традиција ја прави секој новоизбран Поглавар на Помесна Црква“.
Според него, „не е исклучено дека во разговорот ќе бидат допрени и односите со католиците“. Сепак, нему ништо не му е познато во врска со тоа дека поглаварот на Руската Православна Црква би пројавувал интерес кон хипотетичната тема на организирање средба со Римскиот папа. Како и да е, тоа е прашање на „билатералните односи на Московската патријаршија со Римокатоличката црква“ – подвлече секретарот на ОНЦВ.
Посетата на архиепископот Хризостом ќе започне на 13 јули и ќе трае една недела. Во план се: сослужување со патријархот Алексиј во Сергеевата лавра на Света Троица, посета на повеќе светињи, дискусија со поглаварот на Руската Црква околу различни прашања од билатералните и меѓуправославните односи, како и перспективата за справедливо решавање на проблемот на поделената островска држава.
Минатата сабота архиепископот Хризостом II се сретна со папата Бенедикт XVI во Ватикан. Во разговорот со новинарите тој ја изрази својата спремност да настапи како посредник во организацијата на средба меѓу Алексиј II и Бенедикт XVI, иако го одбегна директниот одговор на прашањето дали претходно разговарал на таа тема со поглаварот на Руската Црква.