Бизнис и Православие
 
 
 
 
 

Бизнис и Православие (10.07.2007)

На 9 јули во Москва се одржа конференција на тема „Бизнисот и Православието: улогата на православните духовно-морални вредности во современото руско претприемништво“ подготвена од Руската општествена организација за мало и средно претприемништво заедно со Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија. На конференцијата беа обработени интересни теми: „Основните вредности на Православието и културниот код во Русија“, „Православната економска етика“, „Улогата на бизнисот во процесот на духовно-моралната преродба на Русија“. Епископот Егориевски Марк, еден од учесниците на конференцијата, забележа дека „во Православието приоритет имаат духовните вредности, а богатството му се дава на човекот за да му служи на ближниот. Но, за жал во современиот свет сѐ уште важи принципот: земи сѐ од животот, без разлика на тоа што 80% од жителите во Русија се сметаат себеси за православни.“ Исто така Владиката рече дека претприемничката дејност е творештво во кое мора да се земат предвид духовните и морални вредности, етичкиот пристап и традицијата на соборноста. Како завршен документ конференцијата изработи резолуција во која се истакнува нераскинливата врска на руското претприемништво и неговите традиции со вредностите на Православието, кои се: зачувување на православната вера чиста, исполнување на заповедите на христијанството и стекнување на дејствителна љубов кон Бога, татковината и ближниот. Православната економската етика, се кажува во документот, неизоставно го става акцентот на тоа дека нашето главно богатство се луѓето, нивниот морален и творечки потенцијал. „Сите ние, Црквата, државата, претприемниците, општеството во целост треба да се грижиме за тоа меѓу нас да биде што помалку топло-ладни и рамнодушни луѓе и што повеќе такви кои се способни активно да градат духовни и материјални блага исполнувајќи го со тоа своето назначение за дејствително служење на Бога и татковината. А тоа се достигнува преку постојано исполнување во сѐ на законите востановени од Бога. Во тоа е главната цел на православната економија и долгот на претприемникот-верник.“ Според мислењето на собраните, можноста за слободно бавење со приватно претприемништво и правото на сопственост кое му е дадено на човекот од Бога, не смееме да ги одвојуваме од системот на морални вредности во коишто богатството е резултат на творечки труд, а да се трудиме ни е долг кон Бога и кон луѓето. Само под тој услов природниот стремеж кон материјалните добра се урамнотежува со влијанието на духовно-моралните принципи.

„Во Православието богатството само по себе не е благослов или казна, а пред сѐ е испит и одговорност“, се потцртува во документот. „Стекнувањето на богатство не е цел за себе. Ако богатството станува цел само за себе и ги обзема сите мисли и чувства на човекот, тоа ќе биде економски бесперспективно и духовно штетно.“

Извор: http://www.mospat.ru/index.php?page=36937