Бугарската Православна Црква ќе го канонизира Архиепископот Серафим (Соболев)
 
 
 
 
 

Бугарската Православна Црква ќе го канонизира Архиепископот Серафим (Соболев) (20.07.2007)

Отец Александар Карјагин, настојател на храмот на свети Николај архиепископот Мирликиски чудотворец во Софија изјави дека архиепископот Богучарски Серафим (Соболев), погребaн во криптата на софиската црква ќе биде канонизиран за Светител.

Според мислењето на отец Александар, канонизацијата на Владиката Серафим може да се случи до крајот на оваа година.

Архиепископот Серафим (Соболев) e роден во Русија во 1881 година. Од 1912 до 1919 година архимандритот Серафим бил ректор на Воронежската духовна семинарија, која за време на неговото служење станала една од најголемите духовни учебни институции во Руската империја.

На 1 октомври 1920 година, отец Серафим бил ракоположен за епископ, а во 1921 година пристигнал во Бугарија каде што со благослов на свети Тихон, патријарх Московски и на цела Русија, станал управител на руските православни парохии, со титула епископ Богучарски.

Во 20-30 години од минатиот век владиката Серафим се грижел не само за црковниот живот на руските емигранти туку и активно помагнал околу нормализација на канонската состојба на Бугарската Православна Црква која од 1872 година пребивала во раскол со Цариградската патријашија и се наоѓала надвор од заедницата со останатиот православен свет. Благодарение на неговите усилби во февруари 1945 година со специјален томос Цариградската патријаршија го укинала расколот во кој се наоѓала Бугарската Црква.

Во времето на Втората светска војна владиката Серафим не благословувал руските емигранти во Бугарија да стапат во воените редови на германската армија. Синодот на Бугарската Православна Црква кој имал антигерманска позиција во тесна соработка со Архиепископот Серафим почнал да ѝ дава значителна материјална помош на верните од руските парохии кои се наоѓале во окупираната зона. Православните Бугари во тие години исто така издавале во голем тираж неопходна богослужбена литература за Руската Црква.

На 16 јуни 1945 година владиката Серафим со својата паства се соединил со Руската Православна Црква, а во 1946 година тој добил и советско државјанство. Архиепископот Серафим (Соболев) добил пасош на советски државјанин во Бугарија со број 1, со што ги спасил руските емигранти во оваа земја од репресијата на комунистичките власти. Истата година, за време на посетата на патријархот Алексиј I на Бугарија, во присуство на патријархот и на мноштво руски верници, Владиката рекол: „Дваесет и пет години бевме одвоени од нашата Мајка Црква – Руската Црква. Но, тоа неопштење беше само надворешно, оти ние во срцата наши имавме полно единство со сите браќа од нашата татковина... Со нас се случувало исто како и кога ја набљудувате површината и длабочината на океанот. На површината од различни надворешни и случајни причини има различни разбранувања, а во длабочината на океанот има секогаш едно и неизменливо течение. Така и во длабочините на нашето битие, во длабочината на нашите срца имаше еден ист неизменлив стремеж кон нашата Мајка Црква.“   

Извор: http://www.patriarhia.ru/db/text/271017.html