Во Белорусија ќе биде канонизирана нова светителка – схимонахиња Манефа Скопичева
 
 
 
 
 

Во Белорусија ќе биде канонизирана нова светителка – схимонахиња Манефа Скопичева (10.08.2007)

На 11 август во Белорусија во соборната црква на светите Патер и Павле во градот Гомељ ќе биде извршена канонизација на новата белоруска светителка, схимонахиња Манефа (Скопичева).

Преподобна Манефа е родена на 1 април 1918 година во христијанското семејство Скопичеви, кое живеело во селото Севрука, во близина на Гомељ. На Крштението го добила името Марија. Целиот свој живот Преподобната страдала од церебрална парализа, болеста не ѝ дозволувала да се движи, но затоа ја поткрепила во ревноста во духовниот живот. Со помош на родителите или на сострадалните соселани таа често го посетувала храмот при Ченковскиот манастир. Потстригот на монахињата Манефа во голема схима го извршил еден од последните Оптински старци схиигумен Макариј, кој долго време бил нејзин духовен отец.

Схимонахињата Манефа се подвизувала во духовниот живот со смирение и благочестивост. Откако властите го затвориле манастирот во повоените години таа се вратила во родителскиот дом без средства за живот. Издигнувајќи се над тешкото страдање многустрадалната схимонахиња се одликувала со чудесна висина на духот, големо трпение и благообразно смирение. Движејќи се со помош на количка таа не пропуштала ниту една празнична богослужба во храмовите. Преподобната се претставила пред Господ на 25 февруари 1984 година.

Одамна во селото Севрука живее ново поколение жители, но соселаните го чуваат споменот за Праведната. Секоја година на 25 февруари тие доаѓаат на нејзиниот гроб, добивајќи исцеленија и помош по молитвите на схимонахиња Манефа.

Од 2005 година свештениците на гомељскиот соборен храм на светите Петар и Павле почнаа постојано да служат панихиди на гробот на схимонахињата Манефа. На 11 август 2006 година, со благослов на Архиепископот гомељски и жлобински Аристарх било извршено откривање на чесните останки. Притоа од моштите се ширело благоухание. Денес моштите на схимонахиња Манефа се чуваат во градскиот соборен храм на светите Петар и Павле. Во предвечерието на канонизацијата е издадено житие на Преподобната.

 

извор: Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија