Старец Клеопа зборува за молитвата
 
 
 
 
 

Старец Клеопа зборува за молитвата (24.08.2007)

- Треба да сме со Бога во секое време! Слушајте што вели 33. псалм: „Ќе Го благословувам Господа во секое време, Неговата пофалба постојано ќе биде на моите усни“. Зашто, молитвата е животот на нашата душа. Мора да Му се молиме на Бога постојано! Сте виделе што вели 102. псалм: „По сите места на Неговото владеење; благословувај Го, душо моја, Господа!“ Сте виделе дека големиот Апостол Павле вели уште појасно: „Молете се постојано!“ Колку часа се молите наутро? А колку навечер? Свети Јован Златоуст вели: човек треба да се моли 3 часа и наутро и навечер и барем еден час на полноќ! Колку часа се молите наутро, кога ќе се разбудите?

- Часови, не... Би требало, но не се молиме со часови...

- Гледате?! А смртта ќе дојде утре или задутре. Нашиот Спасител рече: „Бидете будни и молете се зашто не го знаете ни денот ниту часот...“ Утре-задутре, заминуваме! Сите заминуваме! Никој не останува, не знаеме само кога!

 

- Пропаднат стар човек, пропаднат стар човек! Тоа сум јас!

 

Монахот

 

- Ех, еее...! Постојат 9 степени во молитвата. Би требало да се молиме барем само со усните, само со устата - најниските степени. Што вели свети апостол Павле? Принесете Му ги на Бога плодовите на вашите усни! Што вели Светиот Дух во 33. псалм? „Ќе Го благословувам Господа во секое време, пофалбата Негова ќе биде постојано во устата моја.“ Што вели 102. псалм? „Благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење.“ Што вели апостолот? „Со гласот свој повикав кон Господа...“ Гледате?! Овие 4 вида на молитва - на усните, на устата, на јазикот и на гласот - се најниските степени во молитвата. Овие човек ги учи како дете! Откако сте се молеле најмалку 10 години со јазикот, усните, устата и со гласот ќе видите дека во еден момент ќе имате потреба она што го вели устата, умот да го разбере. Не само да кажувате, бесцелно! И кога човекот ќе почне да го сфаќа со умот она што го кажува со устата, тој го достигнал петтото скалило - умствената молитва. Дали е овој степен на умствена молитва совршен? Не! Умствената молитва е само „еднокрила птица“, или полу-молитва. Еднонога молитва! Може да се оди со една нога? Може ли да се лета со едно крило? И таму умот е нападнат од демоните... Потребно е шестото скалило, умносрдечната молитва! Да го симнеш умот во срцето! И кога ќе слезеш со молитвата во срцето, со: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот (грешната)!“ умот наидува на 2 митарства. Првото е она на фантазиите, прелеста. Не замислувајте ништо! Бог не е плод на фантазија! Ниту пак херувимите и серафимите! Тој нема ограничена слава. Второто митарство е Разумот пред дверите на срцето. Кога умот ќе слезе во срцето, прв знак е пламен бодеж во левата брадавица, каде што е срцето, и кај мажите и кај жените! Пламен бодеж... Срцето силно се загрева! Настанува божествена сладост. Од срцето, во градите, ’рбетниот мозок, целото тело е оган! А очите почнуваат да леат солзи; но не само солзи... Еден старец, со кого зборував во пустината, ми кажа: „Слегов со умот во срцето два часа и 10 минути... и толкава божествена сладост дојде...“ Христос ја пресретна нашата душа! Го имаме во срцето уште од Крштението. И тогаш рационалното ѝ зборува на нашата душа. Тој ми рече: „За два часа и 10 минути 5-те марамчиња што ги имав трипати ги натопив со солзи!“ Тоа е молитва, со толку многу солзи! Тоа е чистота! Тоа е чиста умносрдечна молитва која ја достигнува еден во 10 000! Меѓу оние што се подвизуваат, вели свети Исаак Сирин! Потоа, има повеличествени молитви: активната молитва, севидечката молитва, созерцателната молитва... нема други! Уморен сум! Созерцателната молитва веќе не се ни нарекува молитва, се нарекува Боговидение! Со ова свети Павле беше воздигнат до третото небо! И не знаеше дали е во или вон своето тело... Толку, брате! Тргни ја таа модерна играчка!

 

„За секој од нас постои време на пристигнување и време за заминување. Второво дојде и за старец Илие Клеопа, по долго патување, исцрпувачко, но светло, на крајот од речиси 87-те години живот. Помина над 60 години во заминувања и враќања, оддалечувајќи се во пустината, во манастирот Сихастриа, каде што неговото благодатно слово исцелуваше мноштво верни, кои за него беа скапоцени како видот.“