Вартоломеј I не е Вселенски патријарх (26.08.2007)
Бугарската Православна Црква се вмеша во спорот околу титулата „Вселенски“ на патријархот Вартоломеј I, кој го иницираше цариградскиот Бугарин Божидар Чипев, оспорувајќи го називот пред турски суд.
„Константинополскиот патријарх Вартоломеј I не е Вселенски патријарх. Воопшто нема Вселенски патријарх, зашто сите патријарси се самостојни, независни меѓусебно и со еднакви права во патријаршиското служење. Тоа е утврдено во каноните на Црквата, за ова сведочи историјата“, изјави во Москва архимандрит Игнатиј, претставник на Бугарскиот патријарх и на Светиот Синод на Бугарската Православна Црква во Москва.
Архимандритот Игнатиј изјави дека Вартоломеј I, како и секој еден од патријарсите, не може да отслужи никаква богослужба ниту во најмалечкото бугарско селце без дозвола на Бугарскиот патријарх и на митрополитот во чија епархија се наоѓа тоа селце. Константинополскиот патријарх порано имал седиште во престолнината на тогашната империја која била сфаќана како вселенска и затоа и Патријаршијата во Константинопол (Цариград) се нарекувала ‘Вселенска’, а патријархот – ‘Вселенски’. Според претставникот на БПЦ во Москва, како „престолнички“ патријарх тој ја имал привилегијата – и тоа само за чест, да биде нарекуван така, но ова важело само пред оние патријарси чии територии имале врска со таа некогашна држава-империја. Затоа Константинополскиот патријарх Вартоломеј I не може и не треба да се самоопределува како патријарх или духовен водач на сите православни христијани ширум светот, а Патријаршијата не треба да се нарекува Вселенска, туку Константинополска – категоричен е архимандрит Игнатиј.