Александрискиот патријарх отвори православна семинарија во Киншаса, Африка
 
 
 
 
 

Александрискиот патријарх отвори православна семинарија во Киншаса, Африка (02.10.2007)

Патријархот Теодор II, кој е во пастирска обиколка на Република Конго и на Демократска Република Конго, на 22 септември ја отвори Православната богословска семинарија во Киншаса. Се работи за прва франкофонска семинарија во Црна Африка, како што се вели во официјалното соопштение на Александриската патријаршија. Според него, „тоа е голем успех во мисионерската дејност на Александриската Црква во Африка“. Првите две африкански богословски училишта со предавања на англиски јазик се отворени во Најроби (Кенија) во 1982 година и во Акра (Гана) во 1994 година.

За време на својот престој во ДР Конго, поглаварот на Александриската Црква служеше Литургија во катедралата на свети Марко во Киншаса и во црквата на свети Георгиј во Колуези. Во Поинт Ноар (Р. Конго) патријархот Теодор се сретна со градоначалникот, со кого разговараше околу различни проекти на Патријаршијата за развој на регионот. Тука, Патријрахот ја благослови изградбата на новата катедрала во Мпака. Тој исто така се сретна со претседателите на двете земји, со кои го разгледа развојот на православната мисија во овој дел на Африка.

Православните жители на двете Републики Конго се сретнаа за првпат со својот Патријарх, кој стана претстојател на Александриската патријаршија во октомври 2004 година. При патувањето, патријархот Теодор беше придружуван од митрополитот Игнатиј на Централна Африка (Конго, Бурунди и Руанда) и епископот Мелетиј на Колуези.

Извор: Orthodoxpress