Обраќање на Рускиот патријарх (03.10.2007)
Рускиот патријарх Алексиј II ги предупреди Европјаните од трибината на Парламентарното собрание на Советот на Европа дека негирањето на христијанските вредности може да биде погубно за судбината на Стариот свет. „Рушењето на моралните норми и пропагандата за морален релативизам може да го поткопа погледот на светот на европскиот човек и да ги доведе народите од Континентот до онаа граница зад која тие ќе го загубат својот духовен и културен идентитет, што значи и своето самостојно место во историјата.“
Алексиј II исто така забележа и дека концепцијата за човекови права, „таа најважна политичка идеја на Европа“ се појави не без учество на христијанското учење за достоинството на човекот, неговата слобода и морален живот“. „Денес, пак, се случува погубен за европската цивилизација расцеп меѓу правата на човекот и моралот. Ова се забележува во новото поколение на права, кои му противречат на моралот, како и при оправдувањето на неморални постапки преку повикување на правата на човекот“, констатираше претстојателот на Руската Црква.
„Ние сме убедени дека ниту еден поглед на светот, вклучувајќи го и секуларниот, не може да полага право на монопол ниту во Европа ниту во светот. Затоа сметаме дека е недозволиво изгонувањето на религијата од јавниот простор“, подвлече патријархот Алексиј. Според него „дојде време да признаеме дека религиозната мотивација има право на постоење, притоа и во јавната сфера“. А за да се избегнат можните судири меѓу различните погледи на свет, „потребен е сериозен меѓукултурен дијалог со активно учество на претставници на традиционалните религии и секуларизираниот свет“.
„Според мене, еден од форумите за таков дијалог треба да биде Советот на Европа, кој го има потенцијалот и опитот во спроведувањето на дијалогот за европските вредности“, рече патријархот.
Извор: Patriarhia.ru