Патријархот Алексиј во Франција (05.10.2007)
Посетата на Рускиот патријарх Алексиј на Франција продолжува. На 3 октомври заедно со мноштво православни христијани, Неговата Светост се поклони на една од најголемите светињи на христијанскиот свет – трновиот венец на Исус Христос, кој се чува во храмот на париската Нотр Дам.
После молебенот, кој беше отслужен од настојателот на подворието на РПЦ во Париз, јеромонахот Нестор, патријархот, православните клирици и мирјани се поклонија на Трновиот венец, честицата од Животворниот крст Господов и клинците, со кои беше прободено телото на Спасителот.
Според протоереј Всеволод Чаплин, православниот молебен што патријархот Алексиј го отслужи во париската црква на Пресвета Богородица се претворил во „моќно сведоштво на православието“. „Во храмот заедно со нас имаше околу 9000 души. Сите тие имаа можност да ги слушаат исполнетите со мудрост и убавина слова на православната богослужба на француски јазик“, изјави Всеволод Чаплин. Тој исто така кажа дека богослужбата била пренесувана директно од руските и западните телевизиски станици.
Во истиот ден во Елисејскиот дворец се одржа средба меѓу Неговата Светост и претседателот на Француската Република Никола Саркози. Неговата Светост беше примен на ниво на државен претдседател, што е израз на особено почитување кон Руската Православна Црква и нејзиниот поглавар. Во нивниот разговор се зборуваше за процесите на духовна обнова на Русија, за положбата на Руската Црква и партнерството меѓу Црквата и државата во решавањето на прашања кои имаат основно значење за животот на луѓето.
Извор: Patriarhia.ru