Започна заседанието на православно-католичката комисија (09.10.2007)
Во понеделник во италијанскиот град Равена започна заседанието на мешаната комисија за православно-католички дијалог, на коешто ќе се разгледа проблемот за приматот во Црквата. Половина од членовите на комисијата се одредени од Ватикан, а останатите се одредени од помесните Православни Цркви. Учесниците треба да ја завршат работата околу документот „Еклисиолошки и канонски последици од сакраменталната природа на Црквата“. Тој документ беше подготвен во Москва во 1990 година, но не беше разгледан на пленарно заседание на комисијата заради тоа што се појавија меѓуконфесионални проблеми во низа источноевропски земји, што наложи вниманието да биде сосредоточено на проблемот на унијатството.
На заседанието на комисијата во септември 2006 година во Белград меѓу учесниците се појавија сериозни несогласувања околу една од петте точки во документот, во која се тврдеше дека после расколот меѓу Црквите во 1054 година свикување на Вселенски собор во вистинска смисла на зборот не е возможно. „Но двете Цркви продолжија да свикуваат „општи собори“, на кои учествуваа епископи од помесните Цркви кои се во заедница со Римскиот престол и на помесните Цркви кои се во евхаристиска заедница со Цариградскиот престол.“
Тогаш претставникот на Руската Црква, Виенскиот и Австриски епископ Иларион Алфеев рече дека во православното предание „општењето со Константионопослиот престол никогаш не се сметало како задолжителен услов за соборност, како што за западните цркви е „општењето со Римскиот престол“. Начинот на устројство на Православната Црква се разликува од оној на Римокатоличката и во неа Цариградскиот патријарх никогаш не играл улога аналогна на онаа на Римскиот папа.
Комисијата во Белгард не успеа да постигне консензус по тоа прашање, главно заради несогласувањето меѓу православните учесници. Спорните прашања ѝ беа префрлени за решение на редакциона комисија, која заседаваше во март 2007 година во Рим. Во нејзиниот состав влегоа: епископот Иларион Алфеев од Московската Патријаршија, митрополитот Калистос Вер од Цариградската патријаршија и проф. декан Јоан Ика од Романската патријаршија.
На почетокот на средбата во Равена епископот Иларион изјави дека ако на средбата биде прифатена варијантата подготвена од православната комисија во Рим, тогаш тој не предвидува сериозни несогласувања на работната средба.
„Прашањето за приматот е едно од најдискутабилните и сериозни несогласувања при неговото разгледување се неизбежни. Сите Православни Цркви го прифаќаме првенство по чест на Цариградскиот патријарх, но не можеме да се согласиме со распространетото толкување на тоа првенство, кон кое се стреми Константинополската патријаршија.“
Од страна на Московската патријаршија во мешаната православно-католичка комисија учествуваат епископот Иларион Алфеев и свештеникот Игор Вижанов.
Извор: Dveribg.net