Московската делегација ја напушти комисијата за православно-католички дијалог
 
 
 
 
 

Московската делегација ја напушти комисијата за православно-католички дијалог (10.10.2007)

Делегацијата на Московската патријаршија го напушти заседавањето на мешаната комисија за православно-католички дијалог, која заседава во Равена.

„По пристигнувањето во Равена православните делегати дознаа дека во нивниот состав се вклучени и претставници на Естонската Апостолска Црква, создадена во 1996 година од страна на Цариградската Патријаршија на канонска територија на Московската патријаршија“, рече претседателот на руската делегација епископот Иларион Алфеев.

Епископот Иларион Алфеев, Московска патријаршија, изјави дека претставниците на Естонската Црква биле поканети од ко-претседателот на комисијата Митрополитот пергамски Јован Зизиулас од Цариградската патријаришија „со еднострана одлука, без согласност од останатите помесни Православни Цркви“.

„Искрено жалам заради настанатата ситуација. Цариград се претставува себеси како гаранција на меѓуправославното единство, но со чекорите кои ги презема, за жал, му наштетува на ова единство“, подвлече епископот Иларион.

Руската делегација ја оспорувала оваа одлука во вторникот наутро на заседанието на православните членови на комисијата, изјавувајќи дека Московската патријаршија не ја признава Естонската Црква во својство на автономна канонска структура, па затоа доколку нејзините претставници не го напуштат заседанието, истото ќе бидат принудени да го направат делегатите на Руската Црква. Зашто, спротивното би значело дека Руската Црква ја признава каноничноста на оваа црковна структура. Преговорите со Пергамскиот митрополит Јован Зизиулас завршија без резултат. „Ниту во Балтимор во 2007 година, ниту во Белград во 2006 година не присуствуваа делегати на оваа црковна структура. За мене останува несфатливо што ја предизвика одлуката на Цариградската патријаршија да ги вклучи во составот на православните членови на комисијата за оваа средба“, забележа епископот Иларион. Тој исто така рече дека Московската патријаршија е подготвена одново да учествува во работата на мешаната комисија кога Цариградскиот патријарх ќе ја промени својата позиција.

 

извор: Интерфакс

 

Коментар од редакцијата на сајтот на МПЦ: 

Православните меѓу себе не можат да се договорат, па со католиците ќе се договореле. Бог да чува!